На 24 мај, во Скопје концерт заедно со својот квартет ќе одржи италијанскиот гитарист Антонио Форчоне (Antonio Forcione). Тој ќе настапи во големата сала на Македонската филхармонија, при што публиката ќе може да ги чуе заедно со него и реномираните музичари: Џени Адеџајан (Jenny Adejayan) на виолончело, ​​Матеус Нова (Matheus Nova), на бас и Јансен Сантана (Jansen Santana) на перкусии. Сите тие имаат безброј настапи по светските музички сцени заедно со големи музички имиња како Courtney Pine, Doudou Cissoko, Elza Soares и многу други.

– Форчоне, не само од публиката туку и од колегите гитаристи е прогласен за „веројатно најдобриот свирач на акустична гитара во светот“. Заедно на врвот со Tommy Emmanuel. Toj е и композитор и изведувач. Првично студирал перкусии, пред да се префрли на гитара. Затоа неговото свирење покажува силни и сложени ритми, како и значителна употреба на телото на гитарата за ударен ефект. Неговата музичка имагинација не води од џипси џез нотите, до латино американските ритми и музиката од двата полуострови, Апенинскиот и Балканскиот. Неговите живи настапи се вистински звучен спектакл после кои публиката редовно останува фасцинирана како од неговата волшебна техника така и од имагитивноста на композициите, се вели во најавата за концертот.

Форчоне има издадено 21 албум од првенствено оригинален материјал и има настапувано на фестивали и театри ширум светот. Често ја споделува сцената со големи музичари како што се Charlie Haden, Angelique Kidjo, Trilok Gurtu, Sarah Jane Morris и многу други. Во 2019 година, неговото ‘’АКА Trio’’ заедно со Seckou Keita и Adriano Adewale за албумот ‘’Joy’’ е добитник на годишната ‘’OWMR’’ награда за најдобар ’’world music’’ албум на годината.

ИЗДВОЕНИ