Претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, да не чека, туку да поднесе оставка од морални причини, е пораката на поранешни антикорупционери и експерти за борба против корупцијата. Според Снежана Камиловска-Трпковска, програмска координаторка на МЦМС, само оставка од претседателката ќе овозможи ДКСК да продолжи да работи според принципите по кои е основана и да ги врати угледот и довербата од јавноста.
– За жал, овој состав на ДКСК не успеа да воспостави систем на отчетност во текот на минатата година како што успеа претходната ДКСК – порача Камиловска на дебатата за транспарентноста, организирана од НКЕУ.
Според неа, коренот на проблемот е во тоа што моделот на избор што се покажа успешен за претходниот состав, при изборот на новата ДКСК во 2023 година бил злоупотребен.
– Моделот за избор на членовите на ДКСК обезбеди ова тело да биде натпартиско и натполитичко. Во изборите во 2023 година, беше злоупотребен овој модел и имаше политичко влијание, така што веќе имаме негативни оценки од меѓународните институции за резултатите од нивната работа – порача Камиловска, нагласувајќи дека недостига механизам во Собранието за надзор на работата на ова независно тело.
Според Билјана Ивановска, поранешна претседателка на ДКСК, кога имаше највисок рејтинг во однос на сите состави досега, фактот дека претседателката на антикорупциското тело е фатена во корупција претставува силен удар и за општеството, и за ДКСК и за граѓаните.
– Сега треба да гледаме како понатаму. Претседателката мора итно да поднесе оставка, затоа што вака ја инфицира институцијата, која мора да се прочисти сега – порача Ивановска, посочувајќи ги како одговорни Собранието и членовите на самата ДКСК.
Владимир Георгиев, поранешен член на ДКСК, исто така смета дека обвинението за Татјана Димитровска влијае на угледот на ДКСК и на довербата што ја има јавноста во неа, но одговорноста ја гледа како индивидуална, а не колективна. Прашан дали, по скандалот, треба да даде оставка само претседателката на ДКСК или целиот состав, тој категорично негираше.
– Дали треба да се повлече целата ДКСК? Сметам дека не треба. Сепак, тоа е индивидуална одговорност, иако обвинението има влијание врз нејзината работа и врз угледот во јавноста. Довербата тешко се стекнува, а лесно се губи. ДКСК сега е на границата на доверба – рече Георгиев, сугерирајќи дека сега е клучно дали ќе даде Димитровска оставка или не.
И тој посочи дека веќе има забелешки во извештаите за нетранспарентноста на институциите од страна на ГРЕКО, „буквално во секое поглавје“ и дека со законските измени кои се бараат, а со кои таа дополнително ќе се намали (како што бара токму ДКСК), довербата во институциите, вклучувајќи ја и Антикорупциската комисија, дополнително ќе се намали.
Со судска наредба, Димитровска нема пристап до документите и до случаите што ги води ДКСК и ѝ е одземена патната исправа. И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ придонесоа Димитровска, при рангирањето на кандидатите за членови на ДСКС, да има најмногу бодови и така да стана прв човек на ова независно тело.