Перо Антиќ останува на чело на Кошаркарската федерација на Македонија и покрај силните притисоци на голем број претставници на клубови и здруженија за негова смена, кои изразија незадоволство од неговата работа.

На тензичното Годишно собрание дури 39 од вкупно 46 претставници му дадоа црвен картон на Антиќ за неговата работа во Федерацијата, но од таму посочија дека постои член во Статутот кој мора да се почитува, односно дека претседателската смена во моментов не е можна според законската процедура, така што Антиќ останува на чело на КФСМ. Тоа го потврди и спортскиот директор на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Владимир Богојевски.

  • Ако сакате да ставите нов претседател сега, тоа нема да биде легално. Ќе имате проблеми и со ФИБА и со МОК. Затоа мислам дека најдобро е да се почека до датумот и да го пријавите правовремено со друг кандидат, за да го замени актуелниот, изјави Владимир Богојевски.

Се работи за членот број 39 во Статутот на КФСМ, во кој се вели дека „Мандатот на претседателот на Федерацијата трае четири години, а минимум две години од започнат, обновен или потврден мандат не може да се поднесува иницијатива од страна на членките на Собранието на КФСМ за одржување на вонредно Изборно собрание. Со оглед на тоа што Перо Антиќ беше реизбран за претседател во 2023 година, тоа значи дека може да биде сменет од функцијата наредната година, но не и порано.

Инаку, на местото на Перо Антиќ се најавува поранешниот македонски репрезентативец Младен Ѓуроски, кој ја има поддршката на повеќе од 80 отсто од клубови во државата. Станува збор кошаркар кој своевремено беше дел од Цибона, Сплит, Хелиос, Борац Чачак, романски Арад, а играше и за Работнички, МЗТ Скопје и Гостивар. Но, за да застане на чело на Федерацијата, ќе мора да почека до следното Годишно собрание, барем според законската процедура, доколку не претрпи некоја измена.

 

ИЗДВОЕНИ