Еден од најдобрите фолклорни ансамбли во Македонија, со свој оригинален пристап во презентирањето на народниот фолклор, ансамблот „Бојмија“ од Гевгелија, учествува на Балканскиот меѓууниверзитетски фестивал на народни ора, кој се одржува во големата Конгресна сала на Универзитетот „Тракија“, во градот Едрене, Турција од 5 до 9 февруари. Овој фестивал е можност на балканските фолклорни ансамбли да ги покажат своите играчки таленти како и фолклорното богатство од земјите од кои доаѓаат.
Официјалното отворање на Фестивалот, кој се организира во рамките на визијата и културниот пристап на Универзитетот Тракија на Балканот и во кој учествуваат 24 фолклорни ансамбли и 590 учесници од Турција, Македонија, Бугарија, Романија, Србија, Молдавија, Косово, Албанија и Грција, се одржа на 6 февруари во Балканскиот конгресен центар. Поради тоа што овој датум се совпадна со годишнината од катастрофалниот земјотрес од 6 февруари, за време на свеченото отворање немаше музички настапи, а се одржаа само поздравните говори и се доделија благодарници на учесниците на фестивалот.
На 7 февруари, Фестивалот прикажа широка лепеза на програмска изведба на фолклорните групи кои настапија во различните кампуси на Универзитетот Тракија.
Во сабота, 8 февруари, ќе се одржи поворка која ќе започне од плоштадот Селимије и ќе продолжи до улицата „Сарачлар“. Фестивалот ќе заврши со гала- вечер, која ќе се одржи во Балканскиот конгресен центар, и кога сите групи учеснички ќе излезат на големата сцена и ќе изведат програма што ја одразува фолклорната култура на нивните земји.
На отворањето на овој прв ваков Балкански фестивал, ректорот на Универзитетот „Тракија“, д-рМустафа Хатиплер истакна: „Народните ора се една од уникатните форми на изразување, кои го отсликуваат духот, историјата, болката и љубовта на еден народ. Секоја фигура и ритам во народните ора носи сеопфатна и голема порака од минатото. Денес, вкупно 21 фолклорни групи, од кои 18 доаѓаат од седум балкански земји, се собраа овде за да ги пренесат овие пораки за солидарност, единство и заедништво, и каде што се зајакнуваат пријателските врски меѓу народите“.
Претседателот пак на ансамблот „Бојмија“, Игор Илиевски, во изјава за ВЕЧЕР потенцираше дека со задоволство ја прифатиле поканата за учество на овој фестивал кој се фокусира на славењето на балканските народни ора и создавањето на една пријателска атмосфера на заедништво меѓу самите учесници. Нашиот ансамбл, рече Илиевски, пред публиката ќе се претстави со кореографиите „Посеље“, „Разигран Пирин“, „Малешевка“, „Пијанец“ и Радовишки Собор, со што, се надеваме дека ќе им го доближиме огромното богатство на македонскиот фолклор на гледачите и учесниците на фестивалот.
-Освен нас, од Македонија на фестивалот настапува и Фолклорниот ансамбл „Китка“ од Истибања, заврши Илиевски. (Љ.А.)