Андреј Ал-Асади е авторот на поемата „Никогаш пред ил’ потем” што под шифрата „Хидаспес” беше избрана на конкурсот за најдобра поема „Григор Прличев” за 2024 година што секоја година се доделува во чест на големиот македонски поет и преродбеник.
Андреј Ал-Асади е роден во 1996 година во Лондон, а дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на стихозбирките „Midnight Blues” (2013, Антолог), како и „Под дервишовото сиќе“ (2018, ПНВ Публикации), „Небесна геометрија“ (2019, ПНВ Публикации) и „Секој секому огледало“ (2021, ПНВ Публикации) со кои трипати влезе во најтесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата.
Добитник е и на наградата „Енхалон“, што исто така ја доделуваат Струшките вечери на поезијата.
Автор е и на збирките раскази „Друго минато“, за која во 2018 година ја доби наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите“ од „Темплум“, и „Утрото на бессоните“ (2021, Бегемот).
Учесник е на повеќе поетски читања и фестивали меѓу кои „Поетска ноќ во Велестово“, „Струшките вечери на поезијата“, Светскиот поетски фестивал во Патрас, Грција и на Интернационалниот поетски фестивал „Стих у регији“ во Загреб.
Негови песни се преведени на англиски, на арапски, српски, хрватски, босански, на грчки и на италијански јазик. Член е на Управниот одбор на Скопскиот поетски фестивал.
Инаку, поемата „Никогаш пред ил’ потем” под шифра „Хидаспес“ едногласно беше избрана од страна членовите на Комисијата за доделување на наградата „Григор Прличев” за најдобра поема во 2024 година.
Наградата на Андреј Ал-Асади ќе му биде врачена на Манифестацијата „Прличеви беседи“ што секоја година се одржува на почетокот на февруари кога се одбележува годишнината од смртта на охридскиот Хомер.