АНБ по првпат објави јавен оглас за вработување – полиграф за кандидатите

Отворени 8 позиции

45

Агенцијата за национална безбедност (АНБ), по првпат од своето основање, објави јавен оглас за вработување отворајќи ја вратата за сите компетентни и мотивирани граѓани кои сакаат да бидат дел од институција со клучно значење за безбедноста и стабилноста на државата, информираат од Агенцијата.

Јавниот оглас е за вработување на осум инспектори инженери на неопределено време. Заинтересираните кандидати треба да имаат завршено Факултет од областа на информатика, електротехника, компјутерска техника и информатика, телекомуникациско инженерство и најмалку четири години работно искуство.

Кандидатите, меѓу другите услови што треба да ги исполнат, треба да дадат согласност и за полиграфско тестирање. За кандидатот што ќе одбие полиграфско тестирање се смета дека не ги исполнува условите за засновање на работен однос во Агенцијата.

Образецот за аплицирање е достапен на официјалната веб-страница на Агенцијата за национална безбедност – www.anb.gov.mk во делот „Транспарентност“.

„Ова претставува историски чекор во насока на транспарентноста и инклузивноста, кој ја потврдува определбата на Агенцијата да ги следи највисоките стандарди во процесите на човечки ресурси и да им даде можност на сите граѓани што ги исполнуваат критериумите да станат дел од професионален тим посветен на заштита на националните интереси“, велат од АНБ.

ИЗДВОЕНИ