Анализа на уредник на Би-би-си: Планот на Трамп за Газа нема да се оствари, но ќе има последици

336

Дури и еден милион Палестинци да ја напуштат Газа, барем 1,2 милиони луѓе ќе останат. Со голема веројатност, САД, новите сопственици на „блискоисточната ривиера“ на Трамп, ќе мора да употребат сила за да ги отстранат Палестинците оттаму. Таквиот потег би бил крајно непопуларен во САД, по катастрофалната американска интервенција во Ирак во 2003 година. Многу Палестинци веруваат дека Израел ја користи војната против Хамас како изговор за уништување на Газа и за протерување на населението. Тоа е еден од наводите во нивното обвинување дека Израел врши геноцид, а сега, можеби, мислат дека Доналд Трамп дополнително ги поддржува плановите на Израел

 

Планот на американскиот претседател, Доналд Трамп, САД да ја „преземат“ и „поседуваат“ Газа, и при тој потфат да го раселат локалното население, нема да се оствари.

За тоа би била потребна соработка на арапските држави, кои веќе го отфрлија предлогот. Меѓу нив се Јордан и Египет, земји кои, според планот на Трамп, треба да примат палестински бегалци од Газа, како и Саудиска Арабија, од која би се очекувало да финансира. Западните сојузници на САД и на Израел, исто така, се противат на оваа идеја. Некои, а, можеби, и многу Палестинци во Газа би можеле да бидат во искушение да ја напуштат својата татковина ако им се даде можност. Но, дури и еден милион Палестинци да ја напуштат Газа, барем 1,2 милиони луѓе ќе останат.

Со голема веројатност, САД, новите сопственици на „блискоисточната ривиера“ на Трамп, ќе мора да употребат сила за да ги отстранат Палестинците оттаму. Таквиот потег би бил крајно непопуларен во САД, по катастрофалната американска интервенција во Ирак во 2003 година. Тоа би значело и конечен крај на последното зрно надеж дека сè уште е можно решение со две држави. Концептот се заснова на идејата дека може да му се стави крај на конфликтот, кој трае повеќе од еден век, со формирање независна палестинска држава покрај Израел. Владата на Бенџамин Нетанјаху решително се спротивставува на таа идеја, а во текот на повеќегодишните неуспешни мировни преговори, слоганот „Две држави за два народа“ стана празна фраза. Сепак, тоа е клучен елемент на американската надворешна политика од раните 1990-ти. Исто така, планот на Трамп би го прекршил меѓународното право. Веќе истрошените тврдења на САД дека се залагаат за меѓународен поредок заснован на правила, целосно ќе исчезнат. Ова ќе им даде дополнителен поттик на територијалните претензии на Русија во Украина и на Кина во Тајван.

Зошто воопшто да се грижиме за сето ова ако нема да се реализира планот, барем не на начинот на кој најави Трамп во Вашингтон, додека Бенјамин Нетанјаху гледаше со насмевка и очигледно задоволство? Одговорот е дека изјавите на Трамп, колку и да звучат неверојатно, ќе имаат последици. Тој е претседател на САД и најмоќен човек на светот и повеќе не е телевизиски водител на „реалити“ програми или политички конкурент што се обидува да привлече медиумско внимание. Краткорочно, вревата предизвикана од неговата шокантна најава може да го ослаби и онака кревкиот прекин на огнот во Газа.

Висок арапски извор ми кажа дека ова може да биде „предвесник на неговиот крај“. Немањето план за идната администрација на Газа е веќе сериозно спорно прашање во договорот. Трамп понуди едно решение, па дури и да не се спроведе, длабоко ги повредува чувствата и на Палестинците и на Израелците.

Тоа ќе ги поттикне плановите и соништата на ултранационалистичките еврејски екстремисти, кои веруваат дека целата територија помеѓу Медитеранот и реката Јордан, а можеби и пошироко, е сопственост на Евреите, дадена од Бога. Лидерите на тие партии се во владата на Нетанјаху, го одржуваат на власт и се ентузијасти за овој план. Тие сакаат да продолжи војната во Газа, а долгорочна цел е да се отстранат Палестинците од областа и да се заменат со Евреи.

Израелскиот министер за финансии, Безалел Смотрич, изјави дека Трамп понудил одговор на прашањето за иднината на Газа, по нападот на Хамас врз Израел, на 7 октомври 2023 година.

– Кој и да го изврши најстрашниот масакр кај нас, ќе ја загуби својата земја засекогаш. Сега, со Божја помош, конечно ќе ја закопаме опасната идеја за државата Палестина – рече тој.

Нетанјаху уште во јануари 2024 година рече дека палестинска држава не доаѓа предвид. Лидерите на опозициските партии во политичкиот центар на Израел беа помалку ентузијасти, можеби поради стравот од проблемите што ќе следуваат, но, сепак, го поздравија планот.

Хамас и другите палестински вооружени групи може да почувствуваат потреба да му одговорат на Трамп со некаков вид демонстрација на сила против Израел. Палестинците се во конфликт со Израел поради конфискуваната територија и имот и сеќавањето на она што го нарекуваат тие „накба“, што значи несреќа, катастрофа, катаклизма. Терминот се однесува на егзодусот на Палестинците кога победи Израел во Војната за независност, во 1948 година. Повеќе од 700.000 Палестинци или побегнаа или беа насилно протерани од своите домови од страна на израелските сили. На многу малку од нив им беше дозволено да се вратат, а Израел донесе закони, кои продолжуваат да им го конфискуваат имотот до ден-денес. Сега постои страв дека ќе се повтори тоа. Многу Палестинци веруваат дека Израел ја користи војната против Хамас како изговор за уништување на Газа и за протерување на населението. Тоа е еден од наводите во нивното обвинување дека Израел врши геноцид, а сега, можеби, мислат дека Доналд Трамп дополнително ги поддржува плановите на Израел.

Само затоа што кажува Трамп нешто, не значи дека е вистина или сигурно. Неговите изјави често повеќе личат на потези за отворање преговорите за недвижности отколку што ја одразуваат официјалната и воспоставена политика на САД. Можеби, тој намерно создава конфузија додека работи на некој друг план.

Гласовите велат дека тој се стреми кон Нобеловата награда за мир. Посредниците во мировните процеси на Блискиот Исток, дури и кога не беа целосно успешни, често го добиваа ова признание.

 

Додека светот сè уште размислува за изјавата на Трамп за Газа, тој објави на својата социјална мрежа „Трут сошл“ дека сака „потврден нуклеарен договор“ со Иран. Иранскиот режим негира дека сака нуклеарно оружје, но веќе некое време во Техеран се води отворена дебата за тоа дали сега се толку загрозени што им треба најефективниот систем за одвраќање.

Нетанјаху со години сака САД, со помош на Израел, да ги уништат иранските нуклеарни постројки, а постигнувањето договор со Иран никогаш не било дел од неговиот план. Во текот на првиот претседателски мандат на Трамп, Нетанјаху водеше долга и успешна кампања за да го убеди да ги повлече САД од нуклеарниот договор што го потпиша администрацијата на Барак Обама со Иран. Ако сакаше да ѝ понуди на израелската тврда десница нешто што ќе ја задоволи додека му нуди преговори на Иран, Трамп успеа.

Но, тоа, исто така, создаде дополнителна неизвесност и донесе повеќе нестабилност во најнестабилниот регион во светот.

ИЗДВОЕНИ