Кои се вистинските пораки од интервјуто на Пендаровски и зошто токму сега одбра да се појави? Политичките аналитичари, кои ги консултираше весникот ВЕЧЕР, велат дека изјавите на поранешниот македонски претседател Пендаровски се јасен обид за негово политичко позиционирање. „Неговото предупредување дека „Македонија не треба да се истрчува зад Трамп и Орбан“ изгледа како дел од стратегијата за задржување на поддршката од одредени политички кругови, но во исто време остава впечаток дека тој не нуди реални решенија за предизвиците со кои се соочува државата, вели политичкиот аналитичар Џенур Исени. Неговиот колега Синиша Пекевски, пак, вели: „жалосно е што претседателот Пендаровски, кој остана запаметен по потпишувањето на измените во Кривичниот закон, со кои политичарите станаа граѓани од прв ред и изземени од одговорност, зборува за надворешна политика или стратегија. Веројатно ова е начин да каже фала на претходната администрација која финансираше активности во шарената револуција со кои тој стана претседател и да се спротивстави на новата администрација во САД, која ги стопираше ваквите активности и директното мешање во внатрешните работи во Македонија“
Поранешниот претседател Стево Пендаровски по повеќе од осум месеци реши да се појави во јавноста и да упати остри критики кон актуелната власт но и кон глобалните случувања, со што ја разбранува и онака немирната македонска политичка сцена. Пендаровски, во интервју за Сител, коментирајќи ги македонските надворешно-политички релации, меѓу другото рече дека актуелната власт се истрчува и не може „да ја купи“ страната на, како што го нарече „трансакциониот“ американски претседател Доналд Трамп во спорот со Бугарија. Тој ги критикуваше и блиските релации на актуелниот македонски премиер со неговиот унгарски колега и потенцираше дека тоа ќе нè оддалечи од евроинтеграциските процеси. Ги нарече аматери доколку мислат дека Трамп ќе им помогне за Македонија да го надмине спорот со Бугарија. Пендаровски посочи дека САД нема интерес од тоа да се заморува со ова прашање.
Но, кои се вистинските пораки од интервјуто на Пендаровски и зошто токму сега одбра да се појави? Политичките аналитичари, кои ги консултираше весникот ВЕЧЕР, велат дека изјавите на поранешниот македонски претседател Пендаровски се јасен обид за негово политичко позиционирање.
-Неговото предупредување дека „Македонија не треба да се истрчува зад Трамп и Орбан“, изгледа како дел од стратегијата за задржување на поддршката од одредени политички кругови, но во исто време остава впечаток дека тој не нуди реални решенија за предизвиците со кои се соочува државата. Клучно е да се потенцира дека Македонија досега направи огромни отстапки на патот кон Европската Унија, но за возврат не доби никакви конкретни придобивки. Напротив, постојаните условувања и барања од Брисел и соседните држави ја оставија земјата во состојба на политичка неизвесност. Токму затоа, актуелната власт со право бара јасни гаранции за европската интеграција, наместо празни ветувања кои се покажаа како неисполнети во минатото, вели политичкиот аналитичар Џенур Исени за весникот ВЕЧЕР. Тој посочува дека ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија јасно демонстрира дека националните интереси треба да бидат во фокусот на секоја политика, вклучително и во односите со меѓународните партнери.
-За разлика од претходните власти, кои прифаќаа компромиси без конкретни резултати, сегашното раководство инсистира на однос на заемна почит и гаранции дека Македонија нема повторно да биде жртва на неисполнети ветувања. Во овој контекст, изјавите на Пендаровски може да се толкуваат како дел од неговиот напор да се претстави како независен фактор, но останува прашањето колку тоа е уверливо, со оглед на неговата досегашна пасивност во одбраната на националните интереси, вели аналитичарот Исени.
Неговиот колега Синиша Пекевски, пак, вели дека острите коментари на експретседателот резултат на тоа што со новата администрација во САД немаат никакви односи, бидејќи како што вели токму таа ги разоткрила активностите со кои претходно дојдоа на власт и со кои Пендаровски бил избран за претседател.
-Жалосно е што претседателот Пендаровски кој остана запаметен по потпишувањето на измените во Кривичниот закон со кои политичарите станаа граѓани од прв ред и изземени од одговорност зборува за надворешна политика или стратегија. Веројатно ова е начин да каже фала на претходната администрација која финансираше активности во шарената револуција со кои он стана претседател и да се спротивстави на новата администрација во САД која ги стопираше ваквите активности и директното мешање во внатрешните работи во Македонија, вели аналитичарот Пекевски за весникот ВЕЧЕР.
Тој го издвојува односот на екс-претседателот кон новинарката за кој вели дека е надмен и недржавнички.
– СДСМ и претседателот никако да излезат од надмениот однос кон новинарите и да и се обратат на новинарката со зборовите „Зарем ти си нивни партиски портпарол“ а кон странските дипломати да имаат поданички однос и да се обраќаат со „где си љубави“. Тотално отсуство на државнички капацитет и национална гордост. Во секој случај не сум изненаден од неговите изјави, однос и негирање на македонската дипломатија, коментира аналитичарот Пекевски.
Инаку, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ го обвинија Пендаровски дека го навредил Трамп и со директните навреди кон Трамп и САД, дефинитивно го напуштил прозападниот курс.
-Сега станува јасно дека СДС лажно се претставувале како прозападни, а со нетрпение чекале момент да свртат курс. Пендаровски не е било кој од СДС, неговиот став во исто време ја покажува и фрустрацијата на оваа партија кон ВМРО-ДПМНЕ и успешноста со која Владата се позиционираше до САД. Македонија со Владата на ВМРО-ДПМНЕ е верен партнер на САД, а придобивките за државата допрва ќе се гледаат. Македонија е на вистинскиот пат, а СДС како и секогаш до сега е против Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, го обвини за неодржување доследност во своите ставови, особено во врска со промените на македонскиот Устав и неговите последни изјави за САД и нивниот новоизбран претседател.
„Пендаровски, ако не може или не сака да помогне на Македонија на меѓународен план, тогаш барем нека не ѝ одмага. Не му треба да ја руши позицијата на земјата. Ако беше искрен во своите обврски, ќе се фокусираше на македонскиот интерес, а не на политички амбиции и споделување ставови со луѓе блиски до Сорос“, рече Милошоски.
Жесток напад кон Пендаровски упати и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, обвинувајќи го дека по повеќе месеци молк, сега се појавува во јавност само за да го напаѓа премиерот Христијан Мицкоски и поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за американскиот претседател Доналд Трамп.
„Човекот што двапати загуби претседателски избори, вториот пат со историски најголема разлика, сега реши да излезе во јавност и да напаѓа. Наместо да се соочи со сопствениот неуспех, тој арогантно дели ‘ум’ на светски лидери, а самиот не се гледа. Пендаровски кој зема пензија од државата сега го напаѓа претседателот на нашиот најголем сојузник, САД. Дали е тоа патриотизам или чиста фрустрација од изборниот пораз? За мене слушам напишале дека сум претставник на ‘иранско-турско-унгарско’ влијание. Па, замислете, толку ги плашеше ВМРО-ДПМНЕ, што сакаа половина од носителите на нашите листи да завршат на црна листа, само за да се спасат од пораз Стево, троши си ја пензијата и не се брукај. Дружи се со пријателите од Агенцијата за разузнавање додека можеш!“, напиша Николоски на Фејсбук.
Пендаровски по неколкумесечно повлекување во Истанбул излезе во јавноста на крајот на минатиот месец, со кратка информација од неговиот кабинет по средбата со Вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј на која разговарал за состојбите во православниот свет и улогата на Вселенската Патријаршија во поттикнувањето на меѓухристијанскиот дијалог и соживотот меѓу различните народи и религии. (Е.А.)