Познатата шпанска атлетичарка, Ана Пелетеиро, ја шокираше јавноста со изјавата дека нејзиниот поранешен партнер ја силувал и психички ја малтретирал.
Поранешната европска шампионка и освојувачка на светски и на олимписки медали во трискок сподели видео на социјалната мрежа „Тик-ток“ во кое отворено зборуваше за хоророт што го доживеала. Таа му се приклучи на виралниот тренд „Y aún así me quedé“ (И сепак останав) во кој девојките отворено зборуваат за насилството што го доживеале за да им помогнат на другите жени да не ги прават истите грешки.
- Се надевам дека ова ќе им помогне на другите девојки да не останат, барем не толку пати – проговори Ана.
Во видеото, кое трае повеќе од пет минути, Пелетеиро зборува за малтретирањето што го трпела од својот поранешен партнер, чие име не сакаше да го открие.
- Ќе се разбудев среде ноќ и ќе имав секс без моја согласност. И, сепак, останував. Тој ми велеше дека ако немаме секс кога ќе сака, тоа ќе ја влоши нашата врска, бидејќи оние што не јадат дома, јадат надвор. Односно, да не се изненадам ако ме изневерува – истакна Ана.
Нејзиниот партнер постојано ја изневерувал со други девојки, но таа не сакала да верува.
- Тој имаше нови пријателки секој месец и се преправаше дека се луѓе што ги познава илјада години. Тоа беше лага! Имаше љубовници. Тогаш, очигледно, не знаев. Сега знам. Верував во неговите приказни. Секој пат се сомневав дека разговара со друга личност, друга девојка. Кога се обидов да го откријам неверството, ми рече дека сум луда, дека тоа е во мојата глава и дека ќе ја прекине нашата врска поради недоверба – открива атлетичарката.
Кога почнале да живеат заедно, ситуацијата се влошила.
- Ми кажа дека кујната е само моја. Дека нема да се грижи за ништо поврзано со кујната и домашните работи – додава Ана.
Во текот на пандемијата на корона вирусот, тој целосно ја изолирал од нејзиното семејство и од пријателите.
- Открив дека има двоен живот, уште една тајна врска. Но, сепак, останав и му простив. Се случуваше да „исчезне“ од дома и да го нема цел викенд. Потоа се враќаше и ми велеше дека му треба простор, дека морам да му верувам и му дозволив да го направи тоа за да функционира нашата врска. Дури и тогаш останав. Од тие патувања се враќаше со каснувања по телото. Се оправдуваше дека тоа е од бубачките што му биле на душекот. Сепак, останав – додава Ана.
Ана ја сподели својата приказна јавно за да им помогне на другите жени што минуваат низ слична ситуација.
- Ако препознавате некој од овие знаци, ве молам, бегајте! Никогаш нема да бидете среќни. Обидете се да одите на терапија, бидејќи излегувањето од врска со нарцис е многу комплицирано – заврши познатата спортистка.
Gracias, Ana por tu valentía. No es fácil hablar y por eso nos sentimos agradecidas y te mandamos toda la fuerza. Una vez más las mujeres demostramos que no queremos seguir viviendo en silencio.
La vergüenza ha cambiado de bando.
pic.twitter.com/T9li8NgwoK— Yolanda Díaz (@Yolanda_Diaz_) December 9, 2024