Манчестер Јунајтед конечно успеа да ги израдува своите навивачи бидејќи забележа минимална победа во дуелот против лондонскиот премиерлигаш Фулам.
Херој на гостите од „Олд Трафорд“ беше дефанзивецот Лисандро Мартинез, кој постигна гол во 78. минута од натпреварот и на тој начин донесе голема победа за „црвените ѓаволи“.
Со овие три бода Јунајтед конечно стигна до средината на табелата, а сигурно победата ќе им даде дополнителна самодоверба на избраниците на Рубен Аморим, која им е многу потребна.
Португалецот дојде на прес-конференцијата по натпреварот, а уште еднаш Маркус Рашфорд беше една од главните теми.
Рашфорд не беше во составот на Јунајтед бидејќи Аморим го отпиша пред повеќе од еден месец. Прашање е само кога Рашфорд ќе си замине од „Олд Трафорд“ бидејќи е очигледно дека повеќе нема да игра таму.
Португалскиот стручњак истакна и дека за Рашфорд нема иднина во Манчестер Јунајтед, а со својата изјава го понижи за сите времиња.
Веќе подолго време Аморим зборува дека играч кој не го дава својот максимум на тренинзите нема ни да игра, а тоа јасно го кажа и по дуелот со Фулам, алудирајќи дека ситуацијата околу Рашфорд не е променета. Но, тој искористи и еден од помошниците за да му зададе жесток шлаканица на младиот Англичанец.
“Секогаш е истата причина зошто тој не е тука. Причината е тренингот и она што го гледам што прави фудбалерот, секој детал е важен. Ако работите не се сменат таму, тогаш нема да го сменам ни мислењето”, изјави Аморим и продолжи:
„Така е за секој играч. Ако го дадете својот максимум и работите напорно, тогаш можеме да сметаме на вас. Подобро да го ставам тренерот Витал во тимот отколку играч кој не го дава својот максимум секој ден. Во врска со тоа , нема да го променам мојот став“.
Инаку, Витал е 63-годишен тренер на голманите во Манчестер Јунајтед, а Аморим го искористи за да му даде до знаење на секој играч дека нема да трпи олабавување на тренинзите, туку дека дури и тој моментално има предност пред Рашфорд.
Кога станува збор за Рашфорд, голем број на клубови покажаа интерес за него, но тој има само една желба – да се пресели во Барселона.