Американските компании повеќе не се должни да објавуваат информации за вистинското сопствеништво (БОИ), според Законот за деловна транспарентност (ЦТА). Претседателот Доналд Трамп на својата социјална мрежа „Трут сошл“ го прослави укинувањето на, она што го нарече, „безобразно и инвазивно“ барање.
ЦТА, кој беше усвоен со двопартиска поддршка, имаше за цел да ја ограничи употребата на анонимни, лажни компании во трговијата со дрога, перењето пари и други криминални активности. Информациите за вистинските сопственици на секоја корпорација би ѝ биле достапни на полицијата, но тие не треба да бидат објавени.
Членот на Комитетот за финансии на Сенатот, Рон Вајден (демократ од Орегон) веднаш ја осуди одлуката.
-Лекцијата е дека Трамп е богат финансиски криминалец и тој ја води својата администрација во корист на другите богати финансиски криминалци. Имено, ова е уште еден подарок за сомнителните руски олигарси и перачи на пари. Тие имаат многу да слават овие денови благодарение на Трамп, рече тој.
Со новите правила, што ќе бидат предложени, ќе се стесни опсегот на задолжително известување само на странските компании, велат од Министерството за финансии. Сè уште не е целосно јасно дали ова ќе важи само за странски компании регистрирани во САД, или дури и за американски компании во сопственост на странски поединци и субјекти.
Пред објавувањето на оваа одлука, барањата за пријава важеа за компаниите основани во САД, како и за странските компании регистрирани да прават бизнис во која било американска држава или со индијански племиња.
-Ова е победа за здравиот разум. Денешната одлука е дел од смелиот план на претседателот Трамп да го ослободи американскиот просперитет преку намалување на прекумерната регулатива. Особено за малите бизниси, кои се столбот на американската економија, рече американскиот министер за финансии Скот Бесент по објавата.
Се чини дека Мрежата за спроведување на финансиски криминал (ФинЦЕН) – одделот задолжен за спроведување на ЦТА – не бил известен однапред за промената на правилата. Минатата недела, по серијата судски одлуки што овозможија барањата за БОИ да продолжат, ФинЦЕН објави на својата веб-страница дека ќе издаде привремено правило со кое ќе ги продолжи роковите за поднесување БОИ најдоцна до 21 март 2025 година. Оваа страница не е ажурирана со најновата одлука на Министерството за финансии.
Според законот како што е напишан и усвоен од Конгресот, приближно 32 милиони фирми биле предмет на ЦТА во 2024 година.