Американскиот специјален претставник за Западен Балкан со порака: Македонија веднаш да стане членка на ЕУ

95

Северна Македонија треба да биде полноправен кандидат и веднаш да стане членка на Европската Унија. Северна Македонија е многу цврст партнер, билатерално и во мултилатералнои сојузи како НАТО и ОБСЕ, изјави специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар од Приштина, објави американската Амбасада во Скопје на својата официјална Фејсбук страница.

Претходно Ескобар порача дека Македонија е многу солиден партнер на САД, како билатерално, така и мултилатерално во НАТО и ОБСЕ и Вашингтон очекува и по изборите земјата да добие влада посветена на членството во Алијансата и на интегрирањето во ЕУ.

-Претходната Влада беше посветена на членство во НАТО и на пристапувањето во ЕУ и нашите очекувања се владата што ќе дојде по изборите да биде слично посветена на членството во НАТО, пристапувањето во ЕУ и на борбата против корупцијата, изјави Ескобар на брифинг во Брисел пред неговата посета на Приштина, Виена и Подгорица.

Тој изрази надеж дека по изборите ќе се создаде можност да допатува во земјава, бидејќи како што нагласи за време на сегашниот престој во регионот ќе биде посветен на актуелните прашања како оние поврзани со Косово и случувањата во Црна Гора.

Специјалниот претставник за Западен Балкан овој пат ја одмина Македонија, а од Стејт департментот најавија дека изборите во земјава ќе бидат тема на разговор на Ескобар во Австрија со претставниците на ОБСЕ/ОДИХР.

-Неговата посета ќе ја потврди посветеноста на САД кон земјите од Западен Балкан додека тие се стремат кон евроатлантска интеграција и подлабока регионална соработка, се вели во соопштението од Стејт департментот.

Заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан особено се активираше околу промената на Уставот. Во ноември лани, тој порача дека добил уверување од Бугарија дека нема да има дополнителни услови за евроинтеграцијата на Македонија, откако земјава ќе ги изгласа уставните измени и ќе ги внесе Бугарите во Уставот. Во интервју за Гласот на Америка на македонски, Ескобар рече дека „оние реформи што се потребни за членство во ЕУ треба да се одржат“. На прашањето дали тоа значи нема да има ново вето ако другите услови се исполнат, Ескобар вели дека тој „тоа така го протолкувал“.

Ескобар последен пат беше во Македонија во август минатата година. Тој дојде во дводневна посета во Скопје, откако процедура за промена на Уставот заглави во македонското Собрание, а тогашниот спикер Талат Џафери ја одложи собраниската седница на неодредено време, додека власта не обезбеди двотретинско мнозинство за изгласување на промената на Уставот и внесување на Бугарите во Преамбулата, што е услов за Македонија да продолжи по евроинтегративниот пат.