
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет сподели информации за американските воздушни напади врз Хутите во Јемен во приватна група на апликацијата Сигнал, објави Би-би-си.
Во пораките испратени на 15-ти март се разговара за распоредот на летови на американските борбени авиони Ф/А-18 кои ги бомбардираат јеменските бунтовници Хути, а групата ја вклучува сопругата на Хегсет, неговиот брат и неговиот адвокат.
Неколку недели претходно, друга група на мрежата Сигнал, исто така, објави слични информации за плановите на американската војска за напад на јеменските бунтовници, пренесе Би-би-си.
Белата куќа соопшти дека протечените информации не се доверливи и дека цврсто стои зад Хегсет, додека советничката на Трамп за медиуми Каролин Левит рече дека „вака се случува кога целиот Пентагон работи против вас“.
Сопругата на Хегсет, Џенифер, претходно работеше како продуцент во „Фокс њуз“, додека секретарот за одбрана претходно беше критикуван дека ја одвел сопругата на состаноци со странски лидери.
Неговиот брат Фил и личниот адвокат Тим Парлаторе се вработени во Министерството за одбрана, но останува нејасно зошто им се потребни информации за плановите за бомбардирање што треба да ги изврши американската војска.