
Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска целосно ги поддржа воените цели на Израел во Појасот Газа, велејќи дека Хамас мора да се искорени, што фрла сомнеж за иднината на кревкото примирје на Блискиот Исток.
Рубио се сретна со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим на почетокот на регионалната турнеја, каде што најверојатно ќе се соочи со противење од арапските лидери поради предлогот на претседателот Доналд Трамп да ги пресели Палестинците од Појасот Газа и таму да се изградат туристички одморалишта во сопственост на САД.
Рубио рече дека Хамас не може да продолжи да постои како војска или владејачка сила.
„Сè додека постои како сила што може да владее или како сила која може да се заканува со насилство, мирот е невозможен“, рече тој.
Таквиот речник може потенцијално да ги усложни напорите за обновување на разговорите со Хамас, кој и покрај големите загуби во војната, сè уште ја контролира Газа.
Овие забелешки доаѓаат само две недели пред крајот на првата фаза од прекинот на огнот. Втората фаза, која вклучува траен прекин на огнот и повлекување на израелските сили, допрва треба да се постигне по преговорите.
Продолжувањето на војната може да биде смртна казна за преостанатите заложници и може да не успее да го уништи Хамас, кој ја преживеа 15-месечната израелска војна и брзо ја врати контролата врз Газа кога минатиот месец стапи на сила прекинот на огнот.
Нетанјаху ја објави својата подготвеност да ја продолжи војната, по сегашната фаза на прекинот на огнот, и му понуди шанса на Хамас да се предаде и да ги испрати своите водачи во егзил. Хамас го одби таквиот предлог.
Предвидено е Рубио да ги посети и Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија за време на турнејата.
Рубио нема да ги посети Египет, Јордан и Катар, блиски сојузници на САД кои одбија да прифатат каков било прилив на палестински бегалци. Трамп повремено сугерираше дека може да ја прекине американската помош за нив, што би можело да биде катастрофално за нивните економии, доколку тие не ги исполнат овие барања.