Калифорнија ќе го тужи Трамп за царините: „Нема овластување“

62

Калифорнија ќе поднесе тужба против претседателот Доналд Трамп во обид да ја запре трговската војна, тврдејќи дека тој спроведува протекционистичка трговска политика на нелегален начин, објавија во средата гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом и јавниот обвинител Роб Бонта.

Оваа федерална тужба, која ја прави Калифорнија првата држава која правно ги оспорува новите царински мерки на администрацијата на Доналд Трамп, доаѓа во време кога воведените царини предизвикаа голема нестабилност на финансиските пазари и ги нарушија односите на САД со долгогодишните сојузници и трговски партнери.

„Доналд Трамп нема овластување еднострано да го наметнува најголемото даночно оптоварување во нашата историја преку деструктивни царини“, порача гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом на платформата X. „Ќе го тужиме“.

Во тужбата ќе се наведе дека Трамп незаконски и без преседан го активирал Законот за меѓународни економски овластувања за вонредни состојби (IEEPA) за да го наметне својот таканаречен реципрочен тарифен план, објави канцеларијата на гувернерот Њусом за NBC News.

Според официјалното соопштение, царините на Трамп и нанесуваат „непосредна и непоправлива штета на Калифорнија, која е најголемата држава во однос на економијата, индустриското производство и земјоделството во САД“. Тужбата ќе биде поднесена пред федералниот окружен суд во Северна Калифорнија, со цел да се прогласат за неважечки царините наметнати од Трамп.

ИЗДВОЕНИ