Што е договорено зад затворени врати и дали мирот во Украина е близу, никој не знае. Во неделата имаше американско украински разговори, во понеделникот американско-руски, а во вторникот, според украински извори повторно се состанале делегациите на САД и Украина. Од сите тие средби единствена информација е дека биле продуктивни. Кремљ неодамна објави дека содржината на вчерашните разговори во Ријад нема да биде јавно објавена бидејќи и двете страни сè уште ги „анализираат резултатите“
Поминаа 63 дена од инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој во својата претседателска кампања даде храбро ветување дека откако ќе ја преземе функцијата за 24 часа ќе ја реши војната во Украина. До денеска такво нешто не е на повидок, што значи дека предизвикот бил многу посложен.
Главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, деновиве е во центарот на вниманието на светската јавност. Таму како на лента продолжуваат разговорите на тимот на Трамп, еден ден со украинската, следниот ден со руската, па потоа пак со украинската делегација. Што е договорено зад затворени врати и дали мирот во Украина е близу, никој не знае. Во неделата имаше американско украински разговори, во понеделникот американско-руски, а денеска, според украински извори повторно се состанале делегациите на САД и Украина. Од сите тие средби единствена информација е дека биле продуктивни.
Денеска се очекуваше официјално заедничко соопштение од повеќе од 12-часовната американско-руска средба од понеделникот, но според новинската агенција Интерфакс, Русија и САД не донеле заедничка изјава. Повикувајќи се на висок руски сенатор, во извештајот се додава дека причината за тоа е позицијата на Украина, без тоа да се појасни.
-Фактот што седеа 12 часа и очигледно се договорија за заедничка изјава, која сепак не беше усвоена поради позицијата на Украина, е многу типичен и симптоматичен, изјави рускиот дипломат Владимир Чижов за државната телевизија „Росија-24“
Кремљ неодамна објави дека содржината на вчерашните разговори во Ријад нема да биде јавно објавена бидејќи и двете страни сè уште ги „анализираат резултатите“.
Разговорите во Саудиска Арабија во понеделникот меѓу руски и американски претставници се сметаа за чекор во напорите на Трамп да стави крај на тригодишната војна, објави „Ројтерс“.
Руската државна новинска агенција Тасс пренесе дека министерот за надворешни работи Сергеј Лавров рекол дека прашањата за безбедноста на пловидбата во Црното Море биле разговарани за време на преговорите со САД во Саудиска Арабија. Тој додал дека Русија се залага за обновување на „иницијативата за жито“, договор што и овозможува на Украина безбедно да извезува жито преку Црното Море, откако Русија се повлече од него во 2023 година. Сепак, претходно беше објавено дека преговарачите ја разгледуваат можноста за делумен прекин на огнот во регионот на Црното Море,
Извор од Белата куќа денеска изјави дека преговорите предводени од САД во Саудиска Арабија со делегациите од Украина и Русија напредуваат добро и наскоро се очекува позитивно соопштение. Овие разговори, како што е посочено, главно се фокусираат на прекин на огнот во Црното Море, но Трамп рече дека се појавуваат и други прашања како дел од неговите напори да стави крај на тригодишната руска војна против Украина.
Според „Блумберг“ украинските и американските тимови денеска во Ријад повторно седнале на маса на уште една рунда разговори на тема прекин на огнот во Црното Море и 30-дневен прекин на нападите врз енергетската инфраструктура. За содржината на разговорите и за договореното се очекува изјава или соопштение.
И додека траат овие интензивните преговори на техничко ниво, војната не стивнува, туку станува сè пожестока, со големи загуби на двете страни.