Претставници на Русија и САД почнаа разговори за решавање на украинскиот конфликт, јавува агенцијата ТАСС, повикувајќи се на извор близок до руската делегација. Средбата се одржува во хотелот Риц-Карлтон во главниот град на Саудиска Арабија.
Руската делегација е предводена од Григориј Карасин, шеф на Комитетот за меѓународни прашања на Советот на Федерацијата и Сергеј Беседа, советник на директорот на Федералната служба за безбедност (ФСБ).
Ден претходно во истиот град одделно се сретнаа украинскиот и американскиот преговарачки тим. Делегацијата од Киев ја оцени средбата како „продуктивна“, нагласувајќи дека двете страни биле „фокусирани“ на дијалогот, пренесува ТАСС.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека разговорите со американската делегација во Ријад, одржани пред средбата меѓу Американците и Русите, биле водени во конструктивен дух.
„Министерот за одбрана Рустем Умеров ме информираше за напредокот на преговорите во Ријад. Нашиот тим работи апсолутно конструктивно, разговорот беше многу корисен, а преговорите продолжуваат“, рече Зеленски, пренесува Укринформ.