Се прогнозира дека разликата меѓу победникот и поразениот ќе биде мала при што одлуката ќе им се припише на таканаречените свинг држави, односно оние кои не се постојани во поддршката на демократите или републиканците. Освен за претседател, се гласа и за сите места во претставничкиот дом и за 33 места во Сенатот, што всушност е една третина од неговиот состав. Првите резултати треба да бидат познати по затворањето на гласачките места, или недели подоцна, а конечните ќе се објават на 6 јануари наредната година. Ако победи Харис, се очекува Белата куќа да продолжи да ја поддржува Украина, но на крајот да го насочи Киев кон постигнување договор со Русија во не толку далечна иднина. Ако победи Трамп се очекува тој да постигне договор за војната во Украина што ќе им овозможи на двете страни да прогласат победа.
Камала Харис или Доналд Трамп? Кој ќе влезе во Белата куќа? Америка утре одлучува дали во наредните четири години ќе има претседател демократ или републиканец.
За Американците најважна е економијата, но нивниот избор е битен и за Европејците, зашто ќе влијае и на Европа.
Часови до изборите и пред затворањето на обложувалниците анкетите покажуваат дека трката меѓу двајцата ривали е многу неизвесна, со благо водство на Харис. Се прогнозира дека разликата меѓу победникот и поразениот ќе биде мала при што одлуката ќе им се припише на таканаречените свинг држави, односно оние кои не се постојани во поддршката на демократите или републиканците.
Но, познатите прогнозери мислат дека знаат кој ќе победи. Францускиот економист Кристоф Баро, кого „Блумберг“ го прогласи за најдобар предвидувач на американската економија смета дека ќе победи Трамп. Во интервју за „Бизнис инсајдер“, тој наведе три можни исходи. Еден од нив е победа на Харис со поделен Конгрес, при што не би се очекувале големи промени во економска смисла. Во второто сценарио поранешниот американски претседател Трамп би победил исто така со поделен конгрес, што би ја намалило можноста да ги намали даноците, поради што веројатно би се фокусирал на надворешната политика, особено на трговските рестрикции и царините што би можело да влијае на глобалниот раст. Третото сценарио, кое Баро го смета за најверојатно, е победа на Трамп со контрола на републиканците во Сенатот. Ако републиканците освојат мнозинство, Трамп повеќе би се фокусирал на домашната, отколку на надворешната политика и би можел да ги намали даноците за корпорациите и домаќинствата. Баро смета дека без оглед на победникот, по изборите би имало раст на американската економија. Победа на Трамп прогнозира и истакнатиот аналитичар Нејт Силвер. Во есеј за „Њујорк тајмс“ тој вели дека интуицијата му говори дека ќе победи поранешниот претседател Трамп, иако неговиот модел покажува 50-50. Историчарот Алан Лихтман, познат како Нострадамус на американските избори, пак, предвиде победа на Харис, но сепак, додаде дека постои можност да не биде во право.
Дел од американските гласачи веќе се изјаснија на предвремено гласање кое некои држави го практикуваат од времето на пандемијата. Освен за претседател се гласа и за сите места во претставничкиот дом и за 33 места во Сенатот, што всушност е една третина од неговиот состав. На првите резултати може да се чека неколку часови по затворањето на гласањето, неколку денови, но и неколку недели, а конечните ќе се објават на 6 јануари наредната година.
И Европејците нестрпливо го чекаат крајот на гласањето во САД за да видат дали победник ќе биде Доналд Трамп, кој е кошмар за многумина, или Камала Харис, која се смета за многу подобра опција кога станува збор за трансатлантските односи. Сепак, непријатната вистина е дека интересот на Америка за Европа се намалува во последните 30 години, пишува „Политико“, додавајќи дека овие избори нема да влијаат на Европа. Бриселскиот портал го опишува Трамп како „фан“ на рускиот претседател Владимир Путин, кој сака да воведе царини од 100 отсто за европските стоки и ветува дека ќе стави крај на војната во Украина следниот ден откако ќе биде избран. Неговите закани за повлекување на Америка од НАТО треба да се сфатат сериозно бидејќи овој пат Трамп најверојатно нема да биде опкружен со „длабоката држава“. Спротивно на тоа, Харис ветува континуитет кога станува збор за улогата на Америка како глобален лидер и има советник еврофил – Фил Гордон, во кој Европа има големи надежи.
Меѓутоа, ако направиме чекор назад, пошироката слика е оваа: Европа едноставно не е толку важна за Америка како што беше некогаш, наведува „Политико“. Доколку победи Харис, се очекува Белата куќа да продолжи да ја поддржува Украина, но на крајот да го насочи Киев кон постигнување договор со Русија во не толку далечна иднина. Инвестициите во НАТО ќе останат доследни, иако трендот на приоритет на Индо-пацификот пред Европа ќе продолжи. Доколку, пак, победи Трамп, некои веруваат дека неговата администрација би се однесувала рационално, или барем рационално во однос на неговите стандарди и дека нема да ја сврти ситуацијата против НАТО. Покрај тоа, се очекува тој да постигне договор за војната во Украина што ќе им овозможи на двете страни да прогласат победа.
-Сакаме да веруваме дека Трамп ќе биде рационален, но никој не може да биде сигурен во тоа, вели за „Политико“, висок дипломат на ЕУ кој сака да остане анонимен.
Без САД, Европа е изгубена, напиша минатата година францускиот аналитичар Николас Тенцер. Според него, далеку е поопасен ризикот Европа да нè препознае дека е веќе изгубена и затоа ќе остане неподвижна и парализирана.