Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, одржа средба со амбасадорот на Чешка во Македонија, г. Јарослав Лудва, придружуван од раководителот на економско-конзуларниот оддел, г. Кветослав Сулек.
На средбата освен што се разговараше за можностите за проширување на соработката во областа на енергетиката, беа договорени и конкретни активности за реализација на две иницијативи на министерката Божиновска: За одржување на заедничка седница на министри од двете земји од повеќе ресори, а со цел за унапредување на билатералните односи, како и иницијативата за воведување директна линија Скопје – Прага.
Министерката Божиновска и амбасадорот Лудва, ќе се заложат на седницата да се потпишат и меморандуми за соработка во повеќе области и да разгледаат и конкретни активности за продлабочување на економските и енергетските односи. Дополнително, се предлага во делегацијата да се вклучени и претставници на македонската бизнис-заедница со цел воспоставување партнерства со чешките компании.
Министерката Божиновска на средбата ја истакна важноста на директната поврзаност меѓу двете земји и најави дека е задоволна што нејзината инцијатива за директна авионска линија со Прага, добила силна поддршка од амбасадорот кој се заложил за нејзина реализација.
– Посебно ме радува што амбасадорот на Чешка во Македонија, г. Лудва ја поддржа мојата иницијатива за директна авионска линија Скопје – Прага. Со заедничка заложба успеавме оваа идеја да е на пат да се реализира и во месеците што следат ќе биде воспоставена редовна авионска линија, која ќе придонесе за олеснување на соработката во трговијата, бизнисот и културната размена. Со тоа поставуваме нови темели за партнерства и инвестиции – изјави Божиновска.
Министерката и амбасадорот информираа дека освен директната авионска линија Скопје-Прага се разгледува и можноста за воведување и на сезонска линија Прага – Охрид, со цел стимулирање на туристичките врски и промоција на Охрид како дестинација од интерес за чешките туристи.
Оваа средба претставува значаен чекор напред во градењето на силни билатерални односи и отворање нови перспективи за соработка меѓу Чешка и Македонија, што е од интерес за граѓаните и економиите на двете земји.