Пеп Гвардиола летово би можел да остане без еден од најдобрите играчи во својот тим. Претходно, гласот го кренаа Кол Палмер и Жоао Кансело, а сега незадоволен е Хулијан Алварез. Светскиот шампион со Аргентина од Катар не е среќен поради минутажата што ја има во Манчестер сити, па уште летово побара трансфер.
Освен малата минутажа, Алварез имаше уште една причина да побара трансфер и се чини дека особено ги налути навивачите на Манчестер сити. Во писмото што беше објавено во „Атлетик“, Алварез вели дека сака да замине и затоа што на неговата девојка ѝ пречи климата во Англија. Исто така, и нему му пречи. Едноставно, тој е навикнат на поубаво време и затоа би сакал да се пресели на потопло место. За Аргентинците, тоа обично значи одење во Шпанија.
Неофицијално, засега се споменува само интерес од Атлетико Мадрид, но Диего Симеоне ќе мора да потроши огромна сума доколку сака да го доведе својот сонародник. Се споменува сума од 80 милиони евра, која би била доволна за да го пуштат од Сити во Мадрид, доколку наеднаш не им се зголеми апетитот.
Алварес пристигна во Сити во зимскиот преоден рок во 2022 година, за околу 22 милиони евра, од Ривер плата и досега има одиграно 103 натпревари за овој клуб. Постигна 36 гола и запиша 18 асистенции, а учествуваше и во освојувањето на Лигата на шампионите. Сепак, на крајот од минатата сезона, тој, главно, беше на клупата за резерви, па поради тоа со душа чека да го напушти Манчестер сити.
Инаку, Алварез освои сè што можеше да посака во досегашната кариера, беше неколкукратен шампион со тимот на Сити во Премиер лигата, ја освои круната во ЛШ, како и Светското првенство и Копа Америка со селекцијата на Аргентина.