Алон Охел, српскиот државјанин меѓу заложниците во Газа, е жив – прва потврда по 490 дена

95
Фото: screenshot X

Семејството на Алон Охел, 23-годишниот српски државјанин, кој го држи Хамас во Појасот Газа, соопшти дека добиле информација дека тој е жив, но дека му е потребна лекарска помош.

Од неговото семејство истакнуваат дека ова е првпат да добијат потврда дека е жив, откако поминал повеќе од 490 дена во енклавата, пренесува rts.rs.

Алон Охел е држен во тунелите во Газа заедно со неодамна ослободените израелски заложници, се вели во соопштението на неговото семејство во изјавата на израелската група „Форум за заложници и исчезнати семејства“.

Семејството вели дека ослободените заложници ги известиле дека Алон е жив, но дека е повреден и не му била укажана лекарска помош.

„Среќни сме и возбудени што знаеме дека тој е жив, но уништени и шокирани од тешката физичка и психичка состојба во која се наоѓа, како и од злоупотребата низ која продолжуваат да минуваат заложниците“, велат од семејството.

Меѓу заложниците што ги зеде Хамас на 7 октомври 2023 година беше и Алон Охел, млад пијанист роден во Нови Сад, а досега немаше потврда дека е жив.

Почесниот конзул на Србија во Израел, Александар Николиќ, претходно за РТС изјави дека Алон треба да биде ослободен во втората фаза од прекинот на огнот.

ИЗДВОЕНИ