
Третиот тенисер во светот, Шпанецот Карлос Алкараз, во новиот документарец на „Нетфликс“ откри дека неговиот необичен рецепт за победа на Вимблдон вклучува забава на Ибица.
По поразот од Новак Ѓоковиќ во полуфиналето на Ролан Гарос во 2023 година, Алкараз решил да се опушти на популарниот остров и покрај советите од својот тим да се фокусира на претстојните турнири.
Неговиот агент, Алберт Молина, и тренерот Хуан Карлос Фереро биле загрижени за неговата одлука, но се покажало дека постапил правилно, бидејќи одморот му помогнал психички да се освежи и да се подготви за Вимблдон, каде што во финалето го победи Ѓоковиќ, на само 20 години.
Решив да заминам и сите знаеја зошто решив да го направам тоа. На Ибица, главно, сè се врти околу забавите и излегувањето. Отидов таму да се „изгорам“, не сум сигурен дека е тоа вистинскиот збор. Кога се вратив, го освоив Вимблдон. Не велам дека е така затоа што одев на забави три дена, но тие денови беа добри за мене. Ќе морам да го направам тоа повторно оваа година – вели Алкараз.
Според шпанските медиуми, Алкараз, кој го освои Монте Карло и не успеа да го освои пехарот во Барселона, одлучил да се повлече од мастерсот во Мадрид, кој се игра оваа недела.
Угледните радиостаници КОПЕ и СЕР објавија дека, поради повреда на бутниот мускул, тој бил принуден да го прескокне турнирот во главниот град на Шпанија.
Ова може да биде одлична вест за Новак Ѓоковиќ, кој е во истата половина од ждрепката со младиот Шпанец, а нивната средба би била можна во полуфиналето.