
Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз одби да ја коментира одлуката за тримесечна суспензија на Италијанецот Јаник Синер, кој се договори со Анти-допинг агенцијата „ВАДА“ и ќе отсуствува во следните 90 дена.
Алкараз е еден од главните ривали на Синер, па затоа новинарите ги интересираше што мисли за оваа ситуација, но младиот Шпанец отворено рече дека тоа воопшто не го интересира и се фокусира само на своите настапи.
„Имаше голема драма околу случајот со Синер, но мене повеќе тоа не ме интересира. Знам дека одредени тенисери се жалат на малата казна, но ние не сме тие што одлучуваме. Се фокусирам на моите настапи оваа сезона и не сакам ништо да ми го одвлекува вниманието. Сите сме понекогаш во добра или лоша ситуација, таков е спортот. Сакам само сите да бидеме чисти пред себе, пред Бог и пред нашите искрени навивачи“, рече Алкараз.
Синер ќе биде надвор од терените во следните три месеци, но мала е веројатноста дека најголемите ривали (Алкараз и Зверев) ќе успеат да го симнат од тронот на АТП листата.