Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го одигра, можеби, својот најдобар меч во оваа календарска година, бидејќи без поголеми проблеми го совлада Рафаел Надал, во два сета (6:1, 6:4).

Можеше да биде и поубедливо, бидејќи Ѓоковиќ водеше со 4:0 во вториот сет. Очигледно, го симна „педалот од гас“, можеби затоа што, на некој начин, му беше жал за Надал, но, секако, испрати порака до сите на Олимписките игри, дека дошол целосно подготвен.

Натпреварот меѓу најголемите тениски ривали, иако не во живо, го следеше и Карлос Алкараз, бидејќи сè уште се подготвуваше за мечот од второто коло, против Талон Грикспор (6:1, 7:6). Тој беше целосно маѓепсан од нивото на игра што го покажа Ѓоковиќ, така што се пофали. А, од изјавите, изгледа дека е малку загрижен во пресрет на потенцијалното финале.

  • Кога игра Ѓоковиќ на тоа ниво, многу е тешко да се игра против него. Навистина тешко. Беше многу агресивен, не правеше грешки, се движеше многу добро. Видов и дека Рафа не го играше својот најдобар тенис, но кога игра така, Ѓоковиќ е подобар од противникот – изјави младиот Шпанец.

Видовме дека Надал не е во идеална кондиција, додека Алкараз ја почувствува болката и против Грикспор:

  • Се врати болката со која се справував последниве неколку турнири, но знам што да правам. Тоа е нормално за сите тенисери, бидејќи играта е многу напорна. Ќе се обидам да закрепнам и да бидам 100 % подготвен за во двојки – изјави Карлитос за својот проблем со ципите.

Алкараз без поголеми проблеми го доби последниот меч против Ѓоковиќ, во финалето на Вимблдон.