Ракометниот клуб Алкалоид има одлучна сезона, во која обезбеди полуфинале во Европскиот куп, а воедно ќе се бори и за шампионскиот трофеј во домашното првенство. Тимот претежно располага со македонски играчи, има само двајца странци, а ново име што би можело да се најде во составот на Кирил Лазаров е Урош Борзаш.
Имено, „Моцарт спорт“ пренесува дека левиот бек на Еурофарм Пелистер од наредната сезона ќе биде дел од клубот од Автокоманда. Борзаш од 2023 година го носи дресот на „зелено-белите“ од Битола, за кои во оваа кампања даде 22 гола во Лигата на шампионите, а во претходната – 48 погодоци. Се работи за српски репрезентативец што важи за играч кој има „топ“ во раката и треба да биде квалитетно засилување за Алкалоид.