Освојувачот на ракометниот Куп на Македонија, екипата на Алкалоид доби противник по мерка во четвртфиналето на ЕХФ Европскиот куп. Избраниците на Кирил Лазаров ќе се сретнат со Баја Маре од Романија.
Ждрепката посака да го избегнеме најголемиот фаворит за трофејот, тимот на АЕК.
Тимот на Баја Маре во моментов е четвртопласиран во романското првенство со 35 бода, 14 помалку од лидерот Динамо Букурешт и со биланс од 11 победи, 3 порази и два нерешени резултати. До четвртфиналето во ЕХФ Европскиот куп стигна со тесни победи против далеку послаби противници, така што, Алкалоид не би требал да има премногу тешка задача за пласман меѓу четирите најдобри.
Во второто коло, Баја Маре го победи косовскиот Раховеци како гостин со 38:31 за потоа на домашен терен да загуби со пет разлика, а во осминафиналето два пати тесно го совлада финскиот БК-46 со тоа што двата меча ги играше минатиот викенд на гостински терен.