Легендарниот возач на Формула 1, Ален Прост, остро го критикуваше начинот на кој популарната серија на „Нетфликс“ го опиша ривалството меѓу него и Аиртон Сена, нагласувајќи дека сè е измислено.
„Нетфликс“ објави серија од шест дела за Аиртон Сена, кон крајот на 2024 година, по повод 30-годишнината од неговата трагична смрт. Серијата ја опфаќа неговата тркачка кариера, но и врската со Прост, со кого имаше едно од најпознатите ривалства во историјата на спортот. Сепак, четирикратниот светски шампион тврди дека приказот во серијата нема никаква врска со реалноста.
- Глупост, глупост, целосна глупост! Речиси сè е измислено. Гледав само неколку сцени и слушнав многу коментари. Како и со филмот „Сена“, на кој, веројатно, потрошив повеќе време отколку на мојот сопствен документарец. Не можам да бидам задоволен ни со оваа серија. Секогаш има добар и лош. Знам малку за приказната што се раскажува таму и да, тоа е биографска серија, но, за жал, додадени се неколку повторувачки приказни, кои се целосно измислени – истакна Прост.
Прост и Сена беа тимски колеги во Мекларен, во 1988 и во 1989 година, во периодот кога премина Хонда од Вилијамс во Мекларен. Французинот веќе имаше цврсто место во тимот, но Хонда сакаше бразилски возач поради силниот пазар во Јужна Америка. На крајот, доби неверојатно доминантен болид, но и едно од најжестоките ривалства во историјата на Формула 1.
Сепак, и покрај нивните конфликти на патеката, подоцна станаа пријатели.
Прост минатата година зборуваше за „Автомотоспорт“, за нивната врска, велејќи дека не му останале лоши сеќавања за Сена.
- Не се сеќавам на лоши моменти или лоши спомени од него. Се сеќавам на последните шест месеци од неговиот живот. Тогаш го запознав подобро од кога било. Тој беше сосема друга личност, разбрав кој е навистина и зошто понекогаш реагира така – истакна Прост.
Прост, исто така, откри дека кон крајот често зборувале за безбедноста во спортот, што особено го погодило по неговата трагична смрт.
- Кон крајот, кога се приближивме, беше чудно, бидејќи често зборувавме за лошата безбедност на патеките. Многу пати ме замоли да го преземам водството во ГПДА, но јас одбив. Имавме многу приватни разговори во тоа време. Тоа се спомени што ги носам со мене. Го видов два-три пати непосредно пред „Имола“ и тогаш тој веќе беше друга личност за мене – заврши Прост.