Многу радосни случувања во животот на познатиот македонски поп-пејач од “Операција триумф“! Белов музички не се предава. Не ја заборава својата верна публика во родното Неготино. Секогаш кога ќе најде време, со задоволство настапува во родната земја и во својот град
Сè уште добро го паметиме македонскиот поп-пејач Александар Белов, кој по триумфалното учество во музичкото шоу „Операција триумф“ се ожени за девојка си Јелена од Србија и замина да живее во Крагуевац. Не дека ја заборави македонската естрада на која почна, туку продолжи со кариерата во Србија, на тамошната естрада, која му овозможи поголеми успеси и поголем број настапи, што, секако, подразбира и многу добра заработувачка. А, тој живее, главно, од музиката. И живее еден убав, спокоен семеен живот во Крагуевац, со сопругата и со ќеркичката Мина. Токму на Мина завчера ѝ го славеа третиот роденден.
– Секој ден е најубав со твојата насмевка и со љубовта што ја споделуваш со нас. Мила наша, среќен трети роденден! – напиша емотивно Белов.
За потсетување, македонскиот поп-пејач се ожени во септември, во Србија, а, инаку, е роден на 7 февруари 1987 година, во нашето Неготино.. Иако беше најголем фаворит во тоа гледано шоу, сепак, на крајот заврши на третото место. Но, од сите учесници, тој остави најголем впечаток со своето пеење, доволно голем да не биде заборавен од публиката до ден-денес. Во меѓувреме, учествуваше на македонскиот Избор на песна за Евровизија, но, за жал, без некој успех.
Александар има свое мислење за тоа да имаш естрадна популарност денес: – Стануваш многу популарен штом ќе направиш добар кавер од некој поранешен мегахит. Ќе си платиш реклама на социјалните мрежи и ете ти, тоа е доволно за одличен почеток, сите да те запознаат. По таков почеток, настапите си доаѓаат еден по друг. Да не се лажеме, македонската естрада е во подолга криза. Нема зошто да се лути некој поради тоа. Вредностите се загубени. Многумина си замислуваат дека имаат невиден број обожаватели, но едвај им ги знаат песните. Негодуваат кога имаат Србите и Хрватите успешни концерти во Македонија, но мора да има дебела причина за тоа, за концертите, кои секогаш им се преполни. Ќе се согласите со мене дека нема хитови на нашата естрада, а увото на слушателот едноставно се лепи на таквите певливи песни. Порано ги имавме многу, а сега ситуацијата е неблагодарна. Тешко дека може да заживее некоја песна.
Без разлика на сè, Белов не се предава. Не ја заборава својата верна публика во родното Неготино. Секогаш кога ќе најде време, со задоволство настапува во родната земја и во својот град.
За љубовната врска и потоа за бракот со згодната Јелена, вели пред новинарите:
– Многу долго функциониравме како искрени пријатели. Храбриот чекор го направив јас. Тоа е оној период кога бев учесник во првата сезона од ТВ-шоуто „Танц со ѕвездите“. Јелена дојде да ми биде поддршка на снимањето. Токму на снимањето се појавија првите љубовни искри. Сè се случи спонтано. Се роди нашата љубов, искрена, полна со радост и емоции. Потоа влеговме во брак, во кој ја добивме нашата принцеза – Мина, на која завчера ѝ го славевме третиот роденден. Нема поголема среќа во животот од тоа да се реализираш како родител. Потоа, како што си е редот, да станеш дедо, да имаш внуци. Тоа е смислата на живеењето, сè другото е минливо. Се разбира, секогаш да има здравје. Мојата сопруга, Јелена, не само што ми е брачен другар туку ми е и најголем мотив за сè што работам. Движечка сила, мојата мирна оаза и моето море без бранови. Д.М. фото:ФБ