Американскиот глумец Алек Болдвин поднесе граѓанска тужба за злонамерно гонење и повреда на неговите граѓански права, во врска со ненамерното убиство на снимателката Халина Хачинс, на снимањето на филмот „’Рѓа“.
Тужбата беше поднесена во четвртокот пред државниот окружен суд во Санта Фе, Ново Мексико, каде што судијата во јули го отфрли обвинението за убиство од небрежност против Болдвин за смртта на снимателката Халина Хачинс.
Болдвин во тужбата тврди дека обвинителите и истражителите намерно погрешно постапувале со доказите додека го воделе случајот, објави АП.
Тој поднел тужби против специјалната обвинителка Кери Морисеј и окружната обвинителка во Санта Фе Мери Кармак-Алтвис, како и истражителите од канцеларијата на шерифот на округот Санта Фе, пренесува Танјуг.
Болдвин во тужбата тврди дека на секој чекор го користеле како жртвено јагне „за делата и пропустите на другите, без оглед на доказите или законот“.
Хачинс почина набргу откако беше повредена за време на пробата за филмот „’Рѓа“ во октомври 2021 година на ранч на периферијата на Санта Фе. Алек Болдвин, главниот актер и копродуцент, вперил пиштол во Хачинс кога била застрелана, а режисерот Џоел Соуза бил ранет.
Болдвин рече дека не го повлекол чкрапалото, но револверот пукнал.