Во европскиот регион во 2024 година се регистрирани 127.350 случаи на мали сипаници (морбили), двојно повеќе од 2023 година и најголем број во последните 27 години, објави во четвртокот Светската здравствена организација (СЗО).
Од 53 земји во Европа и Централна Азија, Романија имала најмногу случаи на сипаници во 2024 година, со 30.692 случаи, а потоа следи Казахстан, кој пријавил 28.147 случаи на сипаници.
Во анализата на Светската здравствена организација и Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) се наведува дека околу 40 отсто од инфекциите со сипаници во европскиот регион се регистрирани кај деца под петгодишна возраст и дека повеќе од половина од случаите на сипаници бараат хоспитализација.на СЗО.
Според прелиминарните податоци добиени до 6 март, евидентирани се 38 смртни случаи од мали сипаници, кои се пренесуваат од еден од најзаразните вируси што ги напаѓа луѓето.
Во соопштението се наведува дека во европскиот регион, кој опфаќа вкупно 53 земји во Европа и Централна Азија, бројот на заразени се намалува од 1997 година, кога биле пријавени околу 216.000 случаи.
По долгорочниот пад на бројот на заразени лица, во 2018 и 2019 година беше забележан раст за заболени со 89.000 и 106.000 случаи, соодветно, а за време на пандемијата на коронавирусот, вакцинацијата во многу земји исто така сериозно забави и допрва треба да се врати на нивоата пред пандемијата.
Само во 2023 година, околу половина милион деца во регионот не ја примија првата доза на имунизација MCV1, која треба рутински да се прими во здравствените установи.
Во соопштението се наведуваат Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Романија како примери, каде што се вакцинирани помалку од 80 отсто од децата на соодветна возраст за вакцина, што е далеку под 95 отсто неопходни за да се постигне колективен имунитет, таканаречен „имунитет на стадо“.
СЗО и УНИЦЕФ забележаа дека во Босна и Херцеговина и Црна Гора, помалку од 70 отсто и 50 отсто од децата, соодветно, биле вакцинирани против сипаници во последните пет или повеќе години.
Малите сипаници се меѓу најзаразните болести во светот, а се пренесуваат и преку воздухот.
Се проценува дека две дози од вакцината против мали сипаници се 97 отсто ефикасни во спречувањето на болеста, која обично го напаѓа респираторниот систем и предизвикува симптоми на треска, кашлица, течење на носот и осип. Во потешки случаи, сипаниците може да предизвикаат пневмонија, енцефалитис, дехидрација и слепило.