Актуелни функционери ја почнаа трката – нови имиња за градоначалници во втора постава?!

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, е убеден дека неговата партија и коалицијата што ќе ја предводи ќе биде апсолутен победник на локалните избори кои треба да се одржат во првата половина на октомври. Мицкоски, ваквиот, како што рече, реален оптимизам, го поткрепи со партиските анкети на јавното мислење според кои нивната предност е 4:1 во однос на вторангираната партија. Во однос на имињата на потенцијалните кандидати за градоначалници, тој повтори дека е во тек внатрепартиската процедура. Рече дека ќе биде земено предвид мислењето на членството и на граѓаните, од што ќе излезат со имињата на кандидатите пред органите на партијата

953

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ нема конкретизирано имиња за кандидати за градоначалници, но лидерот на партијата и премиер Христијан Мицкоски е убеден дека неговата партија и коалицијата што ќе ја предводи ќе биде апсолутен победник на локалните избори кои треба да се одржат во првата половина на октомври. Мицкоски, ваквиот, како што рече, реален оптимизам, го поткрепи со партиските анкети на јавното мислење според кои нивната предност е 4:1 во однос на вторангираната партија.

– Јас сум реален оптимист дека коалицијата што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ќе биде таа којашто ќе биде апсолутен победник, врз основа на мерењата што ние ги имаме. Сега ќе видиме на терен како ќе биде и каква е волјата на граѓаните. Но ние правиме редовно секој месец, најмалку две, а понекогаш и три мерења на јавното мислење преку одредени атрибути што ги тестираме преку одредени политики, да видиме дали сме на прав пат или не сме. И ценам дека досега од тие бројки што ги имаме од месец во месец сме се подобри. Јануари беше подобар од декември којшто беше најдобар. На последната теренска анкета што ја добив рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија беше над 30 проценти, а втората партија беше со рејтинг од 6,8 проценти, така што сега ако порано зборувавме за предност од 3:1, сега е повеќе од 4:1, и очекувам тој тренд да расте до одредено ниво и потоа да се стабилизира бидејќи ќе биде исцрпен капацитетот, тоа е волуменот на гласачи, изјави денеска Мицкоски.

Во однос на имињата на потенцијалните кандидати за градоначалници, тој повтори дека е во тек внатрепартиската процедура, при што како што нагласи, ќе биде земено предвид мислењето на членството, како и мислењето на граѓаните, од кое ќе се направи симбиоза, по што ќе излезат со имињата на кандидатите пред органите на партијата.

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, кој присуствуваше на истиот настан со премиерот го повтори ставот дека ќе почека да заврши внатрепартискиот процес, но убеден е дека избраникот на Мицкоски ќе биде идниот градоначалник на Скопје.

-Јас тоа неколку пати го говорев. Да почекаме да заврши целокупниот процес и јас сум убеден дека името што ќе го предложи претседателот Мицкоски ќе биде градоначалник на Скопје, рече Перински.

Градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, во интервју за неделникот „Фокус“ изјави дека ако биде кандидат за градоначалник на Скопје, очекува победа уште во првиот круг и дека ова го базира врз поддршката што ја добива од граѓаните и врз резултатите што досега ги постигна како градоначалник на Кисела Вода.

Дел од функционерите од владејачката ВМРО-ДПМНЕ изминатиот период изразија отворени амбиции за градоначалничката функција во Град Скопје. Меѓу најспоменуваните имиња за кандидати на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ за скопски градоначалник, покрај Перински, и Ѓорѓиевски, е и градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски. Тие веќе водат и неофицијална кампања за да ги добијат симпатиите кај лидерот и партиските органи, како и кај гласачите.

Според неодамнешната анкета од интернет порталот „Локално.мк“, спроведена во периодот од 25 до 29 јануари 2025 година, жителите на Скопје изразуваат значително незадоволство од работата на актуелната градоначалничка Данела Арсовска. Во однос на потенцијалните кандидати за нов градоначалник, 18% од испитаниците го поддржуваат Златко Перински, по што следуваат Коце Трајановски со 16,5%, Орце Ѓорѓиевски со 14% и Петре Шилегов со 11,5%.

Мицкоски деновиве изјави дека владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, која ја предводеше коалицијата За подобра Македонија и победи на мајските избори, и на претстојните општински избори ќе трча заедно со нивниот коалициски партнер, Вреди, вклучително и за градоначалник на Град Скопје. Според Мицкоски, природно е соработката од централно да се преслика и на локално ниво. Мицкоски не одговори дали веќе разговарале со нивниот албански коалициски партнер во Владата, во кои општини би ги поддржале нивните кандидати или можеби ќе настапат со заеднички имиња.

– Природно е Владата вака како што функционира да продолжи и во избори и надвор од изборен процес, нечесно е ако вие имате заедничка платформа на изборите да препознаете друга, така што мислам дека тоа е природен след, за ова ќе разговараме во следните месеци, изјави тогаш Мицкоски, и додаде дека партијата ќе излезе со конечни имиња на кандидати за претстојните локални избори на почетокот од јуни.

Планот за заеднички настап на локалните избори со ВМРО-ДПМНЕ го потврди и вицепремиерот Изет Меџити од редовите на Вреди.

– За советници по општините ќе тераме секој посебно, бидејќи е пропорционален систем, додека за градоначалници е мнозински систем и таму каде што имаме ние кандидати, ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ или обратно… Сега, дали ќе биде првиот или вториот круг, тоа е веќе проценка. Целта е владината коалиција да биде апсолутен победник на идните локални избори, рече Меџити и додаде дека по изборите ќе се реализира и долгонајавуваниот план на коалицијата Вреди да се спои во една партија.

Од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, кој е дел од владината коалиција, велат дека досега немале никакви разговори за меѓусебна поддршка со коалициските партнери и тврдат дека се сконцентрирани на формирање на нови општински организации во пресрет на изборите, по што ќе следува процедура за потенцијалните кандидати.

Во опозициските редови, пак, од СДСМ категорично отфрлија можност за соработка со ДУИ. Лидерот на партијата Венко Филипче изјави рече дека партијата сега е во фаза на идентификување на имиња кои ќе се вклучат во градоначалничката трка. Од ДУИ велат дека коалиција „Европски фронт“ не е направена само за еден изборен циклус и претставува поголема визија за градење на една заедничка држава и уверуваат дека секогаш ќе го имаат партнерството со граѓаните. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ