Активни пет пожари на отворено, 33 се изгаснати во последното деноноќие

51

Активни се пожарите во Општина Македонски Брод (село Тажево – село Брезница – крак кон Јасен), Општина Демир Хисар и Општина Охрид (Илинска Планина, село Базерник), Општина Охрид (Косел – Расино – Опеница – Вапила), Општина Богданци (место викано Погана кон ветерниот парк Богданци) и Општина Пробиштип (село Зелениград – село Јамиште). Под контрола, пак, се ставени пожарите кај кочанското село Пресека, светиниколското Патетино, Пласница и Латово кај Македонски Брод и кај селото Дулица во Македонска Каменица

Во Македонија, активни се пет пожари. Од Центарот за управување со кризи (ЦУЈК) информираат дека четири се под контрола, а 33 се изгаснати во последното деноноќие.

Активни се пожарите во Општина Македонски Брод (село Тажево – село Брезница – крак кон Јасен), Општина Демир Хисар и Општина Охрид (Илинска Планина, село Базерник), Општина Охрид (Косел – Расино – Опеница – Вапила), Општина Богданци (место викано Погана кон ветерниот парк Богданци) и Општина Пробиштип (село Зелениград – село Јамиште).

Под контрола, пак, се ставени пожарите кај кочанското село Пресека, светиниколското Патетино, Пласница и Латово кај Македонски Брод и кај селото Дулица во Македонска Каменица.

Рано утринава, два хеликоптера се вклучија во гаснењето на пожарот што четврти ден беснее во шумите над селата Опеница, Косел, Вапила, Куратица и Расино.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, изјави дека на територијата на државата помагаат еден хеликоптер од Србија, еден од Чешка, еден од Словенија, два од Унгарија, два „ер-трактора“ од Шведска и два од Германија. На помош е пристигнат и тим од Унгарија со 46 лица, со специјални теренски возила за движење по тешко пристапни предели.

Директорот на ЦУК, Ангелов, и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вчера направија обиколка и увид на состојбата на терен на пожарот во атарот на селото Зелени Град (во реонот на Општина Пробиштип), од височините кај Пониква, на Осоговските Планини.

Тие изразија благодарност до сите ангажирани за гаснењето на пожарите во нашата држава, до пожарникарите, доброволните противпожарни друштва и доброволците, мештаните, а и до домашните воздухопловни сили од Дирекцијата за заштита и спасување и МВР, а, секако, и до помагателите од земја и од воздух пристигнати од земјите на Европската Унија, за своите несебична посветеност и храброст.

Променливото време во саботата некаде донесе дожд, но ретко на простор каде што се планинските пожари на отворено.

Тошковки и Ангелов го посетија и опожареното светиниколско село Немањици. Притоа, неколкумина сè уште вознемирени жители ги раскажаа своите траорни сведоштва за пожарот, кој зафати неколку куќи во ова мирно овчеполско село, како и за штетата што ја имаат претрпено.

Србија испрати хеликоптер „ербас Х215 супер пума“ за гаснење пожар во државава

Министерството за внатрешни работи на Република Србија, во саботата, испрати нов хеликоптер на хеликоптерската единица МВР во Македонија за да помогне во гаснењето на пожарите.

– Хеликоптерот на МВР на Србија „ербас Х215 супер пума“, со носивост од три тони вода, со шестмина припадници на хеликоптерската единица и еден припадник на Секторот за вонредни ситуации, е испратен врз основа на договор на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановски-Давкова – се наведува во соопштението на МВР на Србија.

Инаку, МВР на Србија, во текот на изминатава недела, поради ширењето на пожарите во источниот дел на Македонија, врз основа на официјалното барање на Центарот за управување со кризи на Владата, даде помош со испраќање хеликоптер „агуста бел 212“, со петмина припадници на хеликоптерската единица и припадник на Секторот за вонредни состојби.

– Во изминативе три дена, хеликоптерот од Србија оперираше во атарот на селото Јамница, на територијата на Општина Пробиштип и успешно учествуваше во локализирањето на пожарот во атарот на населбата Долно Ѓуѓанци, во близина на градот Свети Николе, како и во атарот на селото Рамно, на територијата на Општина Старо Нагоричане – информираат од МВР Србија.

Хуманитарен пункт за настраданите од пожарите

Хуманитарен пункт каде ќе се собираат материјални добра за граѓаните кои настрадаа од пожарите во Источна Македонија во државата ќе биде отворен од денеска во Скопје. На овој пункт кој ќе биде до „Ист гејт мол“ во близина на комуналното претпријатие граѓаните ќе можат да однесат конзервирана храна, облека, патики, мебел, душеци и разни други материјални добра, кои потоа ќе бидат однесени во триесетина села на околу 400 домаќинства.

Акцијата е во координација на коалицијата предводена од „Хуманитарни акции.мк“, Конфедерација на Синдикалните организации на Македонија КСОМ и
ИПО Интернационална полициска организација.

УХМР: Утре сончево и топло време со слаб, до умерен ветер

Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), утре ќе преовладува сончево и топло време, со слаб до умерен северен ветер, поизразен покрај Повардарјето. Во планинските подрачја ќе има услови за изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи. Во Скопје ќе биде сончево, со мала до умерена облачност и со слаб до умерен северен ветер.

Во вторник, променливо облачно и топло со минимална температура од 12°C до 21°C и со максимална температура од 31 до 38 Целзиусови степени. Во среда, исто така променливо облачно и топло, со минимална температура од 11 од 21 Целзиусов степен и со максимална температура од 32 до 38 Целзиусови степени. И во четврток се очекува слично време, со минимална температура од 11 до 20 Целзиусови степени и максимална температура од 32 до 38 Целзиусови степени.

(А.П.)