Откако активирал петарда што ја нашол на улица, малолетник во Загреб завршил во болница со тешки повреди. Тој употребил запалка за да го активира пиротехничко средство, најверојатно фрлено, соопшти хрватската полиција, повикувајќи ги родителите да ги предупредат децата за опасноста од пиротехнички средства.
Како што објави хрватската Нова ТВ се работи за 14-годишно момче кое ја нашло петардата на улица и ја запалило со запалка.
„Се работи за тешка физичка повреда на десното око со губење на видот, добил и повеќе изгореници на лицето и двете раце, како и повеќекратни скршеници на левата рака“, изјави Марио Куртањек, детски хирург на Детската клиника во Загреб.
Поради ваквите случаи, петардите од секаков вид се целосно забранети во последните три години, потсетува порталот.
Од полицијата предупредуваат сите да се воздржат од употреба на пиротехнички средства, а доколку ги користат, задолжително да ги прочитаат упатствата на производителот за безбедно ракување и да ги следат истите.
„Не фрлајте пиротехнички средства под или врз возила, на балкони или под стакло, не користете ги под дејство на алкохол, не фрлајте ги на места каде што има домашни миленици и други животни“, се вели во полицискиот апел.