Пред Кинотеката на Македонија денеска се претставени новоизведениот монументален мурал на актерот Мето Јовановски, како и наградата „Мето Јовановски“ за извонредно актерско достигнување во уметноста на филмот.

Муралот е уметничко дело на авторите Евгенија Трајковска и Драган Илиќ.

Фото: Ѕ.Плавевски

Мето Јовановски е театарски, филмски и телевизиски актер, кој почина на 77-годишна возраст. Роден е на 17 јануари 1946 година во селото Панчарево, Пехчевско. Во 1971 година завршува Театарска академија во Софија и истата година се вработува во Драмскиот театар во Скопје. Неговата актерска кариера започна на сцената на Народниот театар во Штип, каде настапува уште пред да се запише на студиите. За многу кратко време, станува еден од водечките драмски уметници во земјава. Има остварено огромен број филмски улоги, а има играно во над 60 филмови.