Друштвото на филмски работници денеска го избра новиот директор на интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“.
Димитрија Доксевски е избран на денешното свечено собрание на ДФРМ, со мандат од две години. Доксевски е филмски и театарски актер, сценарист и продуцент.
Дипломирал актерска игра на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје во 2006 во класата на проф. Кирил Ристоски, а во 2014 магистрирал режија на истиот факултет во класата на проф. Слободан Унковски. Работел во НУ Кумановски театар (2011-2013), преминал во Драмски театар Скопје во 2014 година. Покрај настапите на матичната сцена, настапувал и на останатите театарски сцени низ Р.Македонија и реализира филмски и телевизиски улоги.
Неговата биографија ги бележи улогите во театарските претстави Актер (Сите лица на Петре М. Андреевски, 2008); Арчибалд (Капетанот Џон Пиплфокс, 2014); Улф (Човекот кој го изеде светот, 2014); Тине (Ждрело, 2014); Непознатиот (Безљубни, 2015); Адам/ Рамзес II/ Давид (Библијата, 2015); Принцот (Снежана и седумте џуџиња, 2016); Кирил (Буре барут, 2016); Втор вицеадмирал (Кристофор Колумбо, 2016). Во филмската идустрија пак играл во филмовите „ Боли ли?“ (2006); „Караула“ (2005);„ Превртено“ (2005); „Трето полуврем“е (2012); „Балканот не е мртов“ (2012);„ Улица Шекспирова 9/1“ (2014);„ Враќање“ (2014); „До балчак“ (2014); „Медена ноќ“ (2015); Карма (2015).
Доксевски на функцијата директор на фестивалот „Браќа Манаки“ ќе ја извршува две години.