Актерите Ѓорѓи Јолевски, Владо Јовановски и Сенко Велинов за весникот ВЕЧЕР зборуваат за импресиите, за ликовите што ги толкуваат, за темата и значењето на претставата „12“…

Претставата „12“ во режија на Синиша Евтимов, според актуелноста на темата што ја обработува, маестралната актерска игра на одлично осмислените ликови, како и поделата која го обедини кремот на македонското глумиште (Јордан Симонов, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Владо Јовановски, Сашко Коцев, Игор Џамбазов, Сенко Велинов, Оливер Митковски, Ѓорѓи Јолевски, Благој Веселинов, Александар Микиќ и Гораст Цветковски), по неодамнешната премиера (20 ноември), предизвика бура позитивни реакции во јавноста и ја раздвижи театарската публика означувајќи ја 2024 година. Според почетната гледаност, како и според заинтересираноста на публиката (веќе распродадена за првата половина од 2025), претставата најавува дека долго ќе се задржи на репертоарот на Македонскиот народен театар. „12“ прикажува работа на дванаесетчлена порота, која, по презентирањето на доказите од обвинителството и од одбраната, има задача да одлучи дали да осуди или да ослободи 19-годишно момче, кое е обвинето за убиството на сопствениот татко. Работена е според мотивите на теледрамата од 1954 година – „12 гневни луѓе“ (12 Angry Men) од Реџиналд Роуз, а адаптирана за денешниов миг, од режисерот Евтимов. Ликовите, пак, по ставовите, мислењата, емоциите, искуствата што ги искажуваат и личните судбини што ги раскажуваат за себе, ја покажуваат сликата на денешното општество со сите негови вредности, недостатоци, мани…

Во пресрет на јубилејот 80 години Македонски народен театар, се чини дека најстарата национална професионална театарска институција не можеше да добие поголем подарок за себе, но и да ѝ го даде на македонската театарска публика. По тој повод, дел од актерите на „12“ со свои изјави за весникот ВЕЧЕР – за импресиите, за ликовите што ги толкуваат, за интегритетот на поединецот во нашето општество, за темата и значењето на „12“…

Ѓорѓи Јолевски, актер

Од нашето осамостојување до денес, синтагмата „право и правна држава“ е само флоскула. Наместо надградување на правниот систем со закони што ќе работат во име на граѓанинот, ние тонеме во хаос, безредие и криминал. Темата на претставата е многу жива и актуелна во Македонија поради актуелните случувања на убиства врз деца и деца убијци во земјава, но и во регионот. Медиумите се преполни со вистини, полувистини и со невистини и човекот останува сосема збунет и навистина е тешко да се има реална слика и да се изгради став што ќе се базира врз вистински аргументи. Без интегритет, претпоставувам дека каква било дискусија на каква било тема е бесмислена. Интегритетот се гради долго, од самото детство, преку образованието и интензивно интегрирање во општеството, преку критички ставови и активно учество во промовирањето на вистинските вредности.

Ликот што го толкувам, поротникот број 1, нема никаква врска со мојот карактер. Тој е медиокритет кој нема став за нештата, се обидува камелеонски да се вклопи во средината без да се изјасни за своите лични убедувања, подреден во однос на интелектуално и на финансиски помоќните, биполарен, без авторитет, но со голема желба да припаѓа во високите кругови на општеството. Голем предизвик да се креира ваков „психо“ карактер.

Во однос на претставата, ми се чини дека во поновата историја на македонскиот театар не е собрана ваква силна, уметнички профилирана и докажана актерска екипа на едно место. Иако сите сме вработени во МНТ, играме во различни театарски претстави. Јас сум работел со сите колеги во различни периоди од мојот професионален ангажман во последниве 40 години. Процесот на работа во „12“ беше и е возбудлив од првата проба, па сè до последната изведба. Дванаесетмина врвни, професионални актери, мајстори на својот занает, со голема почит еден кон друг, со голема љубов кон создавањето уметност, со неверојатни актерски перформанси, со силен фокус и концентрација и во постојан креативен занес. Се разбира, предводени од прекрасниот режисер/демократ Синиша Евтимов, кој со својот метод на работа, со кој јас, патем, првпат се среќавам, ни направи контекст на слободно креативно дејствување, кој резултираше со одлична претстава.

Уште од првиот момент кога беше информирана јавноста за поделата во „12“, бевме во фокусот на интересот. Медиумите ја следеа нашата работа и се покажа дека го оправдавме очекуваниот резултат. Секоја изведба е со преполна сала, претставата е продадена до мај, публиката ужива во секоја секунда од изведбата и на крајот од претставата, добиваме големи аплаузи и овации. Она што е восхитувачки за мене е тоа што претставата е обединувачка творба. Во клучен период од нашето живеење и опстојување на едно место, во храмот на уметноста, ги обединува сите општествени слоеви на Македонија, желни за трошка духовност.

Владо Јовановски, актер

Темата на текстот „12“ секогаш и секаде е актуелна. Особено е актуелна во општество како нашево, во кое довербата во судскообвинителниот систем е 2 %. „Систем“ во кој, како кула од карти, почнаа да паѓаат политички монтираните случаи, каков што е случајот „27 април“. „Систем“ каде што речиси и да нема судии, обвинители и членови на судски совет, односно поротници, што имаат професионален и личен интегритет, кој е неопходен за да им се спротивстават на нарачаните пресуди (секоја чест на исклучоците). Ликот што го играм во претставата малку го приспособив на својот светоглед, онолку колку што допуштаа текстот и режисерскиот концепт, кој не се занимаваше со локализација на настанот и на темата.

За мене, учеството во овој проект беше огромна чест, да се биде на сцена со едни од најдобрите актери во Македонија! Идејата на режисерот Синиша Евтимов и на директорот Никола Кимовски да се постави овој текст само докажа дека може да се создава и со малку пари. Сите актери и режисерот сме на плата во МНТ. Од сценографија (која, патем, е прекрасно дизајнирана од одличниот Мартин Манев), има една маса, 12 столчиња, една врата и еден прозорец, а претставата е распродадена за цела сезона, на наша радост и на радост на публиката. Значи, ако се сака, се може! Посакувам претставата да има долг живот, како што посакувам долг живот на сите што ја гледале и што ќе ја гледаат. Се разбира, да се живи и здрави сите што помогнаа да се создаде овој проект. Проект што ги врати еуфоријата и аплаузот во театарот, како во славните времиња на МНТ. А, колективната игра внатре е нешто прекрасно, без кое немаше да функционира оваа претстава.

Сенко Велинов, актер

Задача на уметничкото дело не е да праќа пораки и да дава одговори, туку да поставува прашања, да поттикнува на размислување, како и да разбуди некој вид возвишени чувства кај консументите на тоа дело. Во таа смисла, ниту претставата „12″ не е исклучок. Идејата на оваа претстава е да се раскаже приказна за тоа што се случува кога ќе биде ставена една група случајно избрани луѓе во ситуација да донесе исклучително важна одлука. Со какви сè дилеми и проблеми ќе се соочи секој од нив во моментот кога треба да одлучи за нечиј живот. Во време кога нема изградено систем во светот со кој луѓето ќе ги изберат најдобрите, најмудрите, најчесните меѓу нив да носат одлуки што ќе бидат за доброто на човештвото, туку сè се сведува на помалку или на повеќе случаен (или намерен) избор, претставата „12″ добива (за жал или за среќа) исклучителна актуелност. Секој нов лик што треба да го одигра, за актерот претставува ново патување, нова потрага по самиот себе. Сметам дека секој човек во себе ги содржи сите луѓе. Сè е запишано во нашата ДНК, но потрагата по вистинската информација низ неа е лавиринт со многу скршнувања и ќор-сокаци. Актерот ги бара заедничките точки со ликот што го толкува за да се зближи со него, за да го разбере, за да го утеши, за да го посвои, за да стане едно со него. Таа потрага некогаш е повеќе, а некогаш помалку успешна. Како и во животот.

Во принцип, гледачите не ги интересира процесот на работа (и нема потреба) на една претстава, но атмосферата што се создава меѓу актерите во текот на пробите на еден чуден начин се пренесува и зрачи од сцената врз публиката во текот на изведбите на претставите. Како да се опише процесот на проби на претставата „12″, а да не прозвучи како флоскула и патетично? Пробите се длабоко интимен чин и неволно се раскажуваат од учесниците во него, освен некои фрагменти во вид на анегдоти, кои не даваат баш јасна слика за него. Па сепак…

Проектот „12″, идеја на Синиша Евтимов, во својот зачеток беше оценет од некои луѓе во театарските кругови како проект од висок ризик. Во смисла на тоа дека „…овие луѓе не можат да функционираат заедно“ или „…премногу суети на едно место“ и така натаму. Предрасуди, предрасуди, предрасуди… Решителноста и храброста на Синиша да предложи ваков проект и ентузијазмот на штотуку избраниот директор на МНТ, Никола Кимовски, веднаш да се влезе во реализација на истиот е клучно за целиот процес. За желбата на актерите да влезат во овој проект зборува и фактот што сите без поговор дадоа согласност веднаш, дури не сум сигурен дали прашал некој која улога ќе ја игра. Радоста дека овие луѓе ќе се соберат на едно место за првпат во своите кариери беше очигледна од самиот почеток. Присуството на сите вработени на првата проба кажува многу за важноста на претставата. Понатамошниот тек на пробите е исполнет со исклучителна меѓусебна почит и со огромна љубов. Сите со една цел: претставата да биде најдобра што може. Секој поединечно дава сè од себе. Со радост се доаѓа на проба. Не можеме да се изнамуабетиме. Се гледа дека ни недостигала комуникација. Разни субјективни и објективни околности и немањето театарско бифе, каде што обично и се раѓале нови идеи, си го направиле своето. Но, ете, се менуваат работите. Можело. Требало само малку храброст, чесност, искреност и многу волја. Публиката го препознава тоа и одговара на соодветен начин. Претставите се продадени за цела сезона. Некои бараат карти за повторно да ја гледаат. Треба ли нешто повеќе да се каже? И на крајот: кој е заслужен? Сите! И режисерот, и актерите, и управата, и администрацијата, и техничките служби, и помладите колеги што ги менуваа отсутните актери, и публиката… сите! Дали е лесно? Можеби. Пробајте. И да го парафразирам Леонидас, кралот на Спарта: „This is MNT“.

Наташа Илиевска-Таневски

Фото: Архива на МНТ, фотограф Кире Галевски

ИЗДВОЕНИ