Купувањето на островот има помалку смисла ако националната одбрана не е примарна цел. Геостратешката позиција на островот е несомнено важна затоа што преку него се контролираат Северен Атлантик и преминот ГИУК (Гренланд, Исланд, Обединетото Кралство), кој е битен поради потенцијалното присуство на руската северна и пацифичка флота. Примарна надворешнополитичка цел на Трамп се смета тоа што со купувањето на Гренланд, САД би ја зауздале Кина која уште во 2021 година ги објави своите планови за „Поларен пат на свилата“
Поранешниот економист во њујоршки ФЕД, Дејвид Баркер, ја разбранува јавноста со тврдењето дека зделката кога во 1867 година, САД ја купило Алјаска за помалку од два цента по хектар била лоша од чисто финансиска инвестициска перспектива.
Сега, по најавата на новиот американски претседател Доналд Трамп дека по секоја цена, па дури и со воена интервенција САД треба да го преземе Гренланд од Данска, Баркер прави математика колку би чинел овој остров, кој е најголем на светот. Тој создаде математичка формула за вреднување на Гренланд, за која почетна точка освен цената за која САД ја купиле Алјаска од Русија, е и цената за која Данска ги купила Девствените Острови во 1917 година.
Со приспособување на тие цени на номиналната промена во БДП на Соединетите Американски Држави и Данска, односно со земање предвид на инфлацијата и економскиот раст, Баркер пресметал дека според продажната цена на Девствените Острови, Гренланд би чинел 12,5 милијарди долари. Но приспособените трошоци за купување на Алјаска сугерираат дека САД би требале да платат многу повеќе за Гренланд, поточно 77 милијарди долари.
Девствените Острови беа купени поради загриженоста за националната одбрана. Гренланд е очигледно многу поголем, но и во двата случаи одбранбената вредност на островите се базира на локацијата, а не на големината. Според Баркер, купувањето има помалку смисла ако националната одбрана не е примарна цел. Имено, американската влада не би имала целосна корист од екстракција на рудните и минералните ресурси со кои изобилува Гренланд, бидејќи правата за дупчење и рударство не и се доделуваат на државата, туку на компании.
Русија во 1867 година ја продала Алјаска на САД за симболични 7,2 милиони долари. Само во првите 50 години од владеењето со таа територија Американците заработиле стопати повеќе. Во случајот со Гренланд ситуацијата е поинаква. Но, зошто на САД им е потребно да го поседуваат тој остров, кога таму веќе имаат воена база? Геостратешката позиција на островот е несомнено важна затоа што преку него се контролираат Северен Атлантик и преминот ГИУК (Гренланд, Исланд, Обединетото Кралство), кој е битен поради потенцијалното присуство на руската северна и пацифичка флота, пишува РТС. Надзорот на Арктикот и Северниот Атлантик преку радар, сонар или авијација, особено ако се земе предвид дека таму минува најкраткиот пат за руски и американски балистички ракети, е витален национален интерес за Вашингтон. Ресурсите на Гренланд играат релативно мала улога, иако бродската рута на Северозападниот премин минува долж неговиот брег.
Сепак, интересот за Гренланд има и друга димензија. Северниот морски пат за САД е подеднакво битен како и безбедносниот, зашто сè повеќе покажува комерцијален потенцијал и може да донесе економски придобивки за Кина. Пекинг во 2021 година ги објави своите планови за „Поларен пат на свилата“, истакнувајќи ги наоѓалиштата на минерали и потенцијалните нови транспортни линии што би можеле да се отворат на Арктикот. Дополнето со тоа што Кина има блиски врски со другата арктичка суперсила – Русија, американското купување на Гренланд би било еден од начините да се заузда Пекинг, што е примарна надворешнополитичка цел на Трамп.