Се отворија небото и душите на мајките на загинатите деца во пожарот во Кочани, на мирниот протест пред институциите што треба да ја испорачаат правдата за несреќата. Дождот како да сакаше да сочувствува со нивните солзи, не се знаеше што е посилно, дали капките што паѓаа или зборовите кажани од семејствата на жртвите. Секоја од нив си ја носеше сликата од загинатото дете во рацете, „мојот син беше програмер, мојата ќерка учеше за дизјанер, мојот требаше да замине во Хрватска, мојот играше фудбал, мојот беше диџеј во дискотеката, а мојот беше занаетчија фризер“.
„Погледнете ги, ова се нашите ангели што ни ги зедоа“, во хор повторуваа ужалените мајки, пред полициската станица во Кочани. По повеќе од четириесет дена од смртта на нивните деца, пред медиумите споделија тешки моменти од денот на несреќата, ама и тешки обвинувања потоа. Велат дека им се заканувале вработени во полицијата, да не зборуваат многу бидејќи ќе одговараат за малолетните деца.
„Тука многу ни се закануваат, дека ние ќе одговараме. Точно, да, ни пишуваат пораки. Да не зборуваме, им се закануваат и на децата што го каменуваа кафулето“, споделија мајките, потврдувајќи ги наводите една на друга.
Од пред Судот во Кочани ги повикаа обвинителите што ја водат истрагата да излезат и да им одговорат како загинале нивните деца. Се сомневаат дека не им била дадена прва помош и кислородна поддршка на децата.
„Ќерка ми ја најде мажот ми, покриена со ќебе, завртена настрана, со едната нога надвор од креветот, сакала да стане, не ѝ бил даден кислород. Така ја најдовме. Кој знае дали воопшто им е даден кислород на децата. Уште била топла кога ја пронашол мажот ми, а ја баравме насекаде, во Штип, во Кочани, во Скопје“ обвини мајка на загинато девојче во пожарот.
Друга, пак, исто така се сомнева дали му бил даден кислород на нејзиниот син. Бил последно идентификуван, го дигнал некој човек од обезбедувањето, не од дискотеката, туку од друг објект и го однел во амбулантно возило.
„Мојот син седел на клупа во болницата во Штип, каде што паднал и умрел, а немаше изгореници“. „И мој Томас немаше изгореници, само се задушени, затоа што никој не им помогнал да излезат порано. Вратата била затворена, ги држеле да не излезат. Полицајците ја држеле вратата на децата и им викале, назад, назад, каде ќе одете, дајте лични карти“, тешки беа наводите од мајките.
Тие ќе имаат можност да им ги пренесат на обвинителите наводите, од следниот месец, кога ќе почне нивното испрашување како оштетени лица во истрагата.
„Мојот син бил починат уште изутрината, а доктор му рекол на мажот ми дека е жив и дека е на кислородна поддршка“, зборуваа мајките една по една.
„И мојот син уште бил жив, беше диџеј со групата од ДНК. Се враќал назад, не знаел дали да ги спасува другарите или опремата. Беше задушен, не беше изгорен“.
„Јас сум единствената жена пожарникар во Кочани, не ме повикаа таа вечер да го гаснам пожарот, сама отидов да си го барам детето. Зошто не ми заѕвонија таа вечер да го гаснам пожарот како во другите 48 интервенции годишно?“, се посомнева во настаните за кобната ноќ мајка на починато дете.
„Ова е насилна смрт, убиство од прв степен, мора сите да одговараат. За мене, има само соучесници на монструмот од прв, втор, трет, сите мора да одговараат, од полицијата до инспекторите, оние што продавале билети, обезбедувањето, од монструмот до министрите“, семејствата на 62 жртви ги повикаа обвинителите да прелистаат сè што се случило кобниот 16 март.
„Ако вие, судии, се плашите, еве ние, мајките, ќе застанеме пред вас и ќе ве браниме само дојдете до вистинскиот виновник“, порачаа мајките, кои, по болката, сега ги обзема и гнев кон одговорните.
А ги има уште на списокот, сметаат тие.
„Имате ли доблест да си ја признаете вината за таа кобна ноќ или не ве учеле тоа кога си ги купувавте дипломите? Секоја недела нашиот марш е уредно пријавен во полиција, болница, пожарна. Дали монструмот го пријавил концертот до надлежните, дали требаше да бидете вие таму по службена должност, бидејќи сите знаеле за тој концерт? Децата не погрешиле, но, за жал, не знаеле како функционира таа штала на смртта. Ете, по таа кобна ноќ дознаваме дека таа дискотека била дувло на многу нелегални дејства, меѓу кои и продавање дрога. Дали, при сето тоа, се правевте слепи и дозволивте нашите деца, невини деца, да ја платат цената со својот прерано одземен живот? Дали требаше да направите рација навреме и да ја контролирате работата на монструмот управител, продавачот на билети, сите што дозволиле да влезат три пати повеќе деца од дозволеното? Сега гледаме што сè се прикривало таму. Која е причината за вашето постоење како државен орган воопшто? Бараме правда и одговорност од вас, МВР, за прерано згаснатите животи на нашите деца. Ставете се пет минути во наша кожа. Можеби, други ве амнестирале, ама ние не“, им се обратија мајките на полициските службеници, пред станицата во Кочани.
„Инспектори, дали столчето во канцеларија ви е удобно што работата на терен ви е заборавена или, пак, ќе излезете со полна торба облека од споредната врата? Секој што работи нелегално, ќе ви даде мито, ќе ве одведе на ручек и ќе заборавите. Кажете дали животот на нашите деца вреди повеќе од тоа што ви е дадено“, ги повикаа на одговорност и од Пазарната и од Трудовата инспекција.
Секоја од нив зборуваше за скромноста на своето дете, човечноста, трудољубивоста.
„Ова е мојот син, беше фудбалер, играше низ цела Македонија“. „Ова е Ивона Антова, сакаше да биде моден дизајнер, се запиша во Словенија на факултет“. „Ова е Иван Величков, шанкер, беше во диското, сите го сакаа. Таа вечер гледал да спаси повеќе луѓе, само неговиот живот не беше спасен, оставени на милост и немилост“. „Томче ни беше единствено дете, работеше на бензинска, требаше утрото да оди на работа. Дај еднаш пресечете го синџирот на средината и нека се знаат кои се. И врапчињата знаат дека тука, во Кочани, има голем синџир на дрога и дувло на корупција“, се надополнуваа мајките една по друга.
Семејствата на загинатите и на повредените повикаа за брза правда:
„Мојот син беше воспитуван со силни човечки вредности. Се задуши водејќи се од своите чисти мотиви, од здравиот разум да им помогне на другите. Ајде сега да ги видиме другите мотиви, да ни ги разјасните, нека почне да се размотува клопчето. Немој да нè залажувате, притворивме, па пуштивме дома. Бараме да ја расчистите работата докрај, во чест на овие млади животи што згаснаа прерано“.
Обвинителството најави дека од почетокот на мај ќе почне со испрашување на повредените во пожарот и на оштетените семејства на жртвите. Најавуваат анализи и вештачења и ја оставаат истрагата отворена за евентуална одговорност кај други. Последни со кривичната пријава се опфатени тројца полицајци од Кочани, кои за нарушување на јавниот ред и мир испраќале казни на неактивна фирма. (П.А.)