Ако Украина стане членка на ЕУ, војната ќе влезе во Унијата, предупреди Орбан

32

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека Унгарија не може да го поддржи пристапот на Украина во Европската унија бидејќи, како што рече, „досегашните достигнувања што се постигнати мора да се заштитат“.

Во интервју за јавното радио, Орбан објасни дека проширувањето на ЕУ во минатото било корисно за постојните членки, како што е Унгарија, но дека приемот на Украина во блокот би бил штетен за Унгарија, објави МТИ.

„Зошто да губиме, кога би можеле да добиеме, или барем да го заштитиме она што сме го постигнале“, праша Орбан.

Тој изјави дека слободниот прилив на украинска работна сила може да го загрози целосното вработување во Унгарија, што го смета за најголемо достигнување во последните 15 години.

Тој исто така посочи дека членството на Украина во ЕУ може целосно да ги промени финансиските основи на европското земјоделство, што ќе ги остави унгарските земјоделци без ресурси и ќе доведе стотици илјади семејства во многу тешка положба.

Орбан предупреди дека ако Украина стане членка на ЕУ, војната ќе влезе во Унијата.

„Ако го одобриме пристапот на Украина, војната ќе влезе во Европската унија, која беше создадена како сојуз за мир“, рече Орбан, повикувајќи да се отфрли членството на Украина.

ИЗДВОЕНИ