Доколку од 1 мај има девијантно однесување од страна на маркетите или енормно зголемување на цените на производите, ќе бидат воведени поригорозни мерки, најави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
Дурмиши најавува и дека од почетокот на идниот месец во соработка со Државниот пазарен инспекторат ќе вршат контроли на терен за да видат дали по завршување на мерката за ограничување на бруто-профитната маржа и за замрзнување на цените, ќе има енормно зголемување.
Дурмиши рече дека доколку е потребно, идните мерки ќе бидат поригорозни од досегашните.
„Ова значи дека може да биде проширен опфатот на производи на кои се ограничува цената, да се воведе ограничување на маржите на сите производи во маркетите или да се зголеми вредноста на постојното ограничување на маржите“, рече министерот.
Во врска со изработката на потрошувачката кошничка, Дурмиши рече дека е подготвена драфт-верзија за која се дискутира и активно се работи на нејзино финализирање. Се очекува таа да биде достапна во најкраток можен рок.
Дурмиши рече и дека сè уште не е дефинирано дали кошничката ќе биде за три или четиричлено семејство, а одлуката ќе биде донесена по анализа на сите релевантни податоци и мислења од членовите на работната група.