Ако се определува по час, минималната плата може да биде поправична и пореална

Заострените односи меѓу Владата и Синдикатот не водат до решение за минималната плата. Поради тоа, работодавците деновиве излегоа со низа предлози како може да се зголемат платите во рамките на гранските синдикати, преку колективни договори во фирмите. Дел од работодавците, пак ,сметаат дека доколку се определува по саатница, минималната плата може да биде поправична и пореална, дури и повисока, бидејќи во некои месеци има поголем број работни часови

904

Проблемот со минималната плата може да се реши со одредување цена за саатница или со одредување повисока плата во рамките на гранските синдикати или колективните договори на ниво на фирмите. Ова се дел од предлозите на работодавците, кои сметаат дека заострените односи меѓу Владата и Сојузот на синдикатите на Македонија не водат кон решение за минималната плата. Дел од работодавците сметаат дека е неопходен раст на минималецот надвор од законски утврдениот, меѓутоа тоа да биде преку дијалог на засегнатите страни, а други, пак, дека барањето за минималната плата од 30 илјади денари е претерано.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи смета дека доколку се определува по саатница, минималната плата може да биде поправична и пореална, бидејќи секој месец нема исти работни часови.

– Доколку се определува минималната плата по саатница, тогаш работниците што ќе имаат повеќе работни часови ќе имаат поголема плата. Секој месец нема исти број работни денови, односно работни саати. Но, тоа не го решава проблемот на долг рок. Сметам дека Синдикатот вештачки бара минимална плата од 30 илјади денари, што е повисоко од просечната плата во некои сектори во државата. Минималната плата што ја бараат не е проблем за брзорастечките сектори, како банкарството, телекомуникациите, осигурувањето…Тие, во своите грански синдикати или колективните договори на ниво на фирма, може да предвидат повисока минимална плата од онаа што а е законски определена. Законот за минимална плата е донесен со цел да обезбеди егзистенција на најниско платените работници во најниско развиените гранки – вели Димитров за ВЕЧЕР.

Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата смета дека низ дијалог во секој сектор, во секоја дејност ќе има можност да се постигне не само зголемување на минималната туку и зголемување на платите на сите работници.

– Имаме законско решение на кое мораме да се потпираме. Од демократски, политички аспект, Владата ни соопшти нешто што го очекувавме со години, а тоа дека ќе треба ние сами да се договориме со синдикатите. Она ниво на политичка и демокраатија на социјален дијалог ја имаме сега во практика, меѓутоа дијалогот треба да биде заснован врз реалните состојби. Во овој момент, ова што се нуди како решение го гарантира минималецот, ние ги молиме работодавците да размислат на кој начин ќе ги намалат другите трошоците за да ги зголемат платите на работниците. Оваа формула во моментов дава балансирана состојба, оваа формула во моментов нуди стабилност – вели Бошков.

Тој смета дека дијалогот треба да се заснова на реални состојби.

– Јасно е дека финансиската, фискалната состојба, намалените приходи, состојбата со буџетот ни е објаснета и ни е јасна. За нас, тој аргумент, колку и да не ни се допаѓа, е аргумент на Владата, кој, сакале или не, мора или не мора да го прифатиме, меѓутоа законот вели дека покачувањето ќе се случи во март – изјави тој.

Согласно со закон, минималецот се усогласува еднаш годишно во март, како збир од 50 отсто растот на трошоците за живот и 50 отсто од порастот на просечно исплатената нето-плата од минатата година. Но, за пресметката, зелено светло треба да даде Економско-социјалниот совет, кој сè уште не може да се состане додека не се потврди репрезентативноста на Синдикатот.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ