Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата нема немо да набљудува ако пропадне тендерот за набавка на нафта за Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и дека повторно ќе интервенира, но дека тоа не може да оди во недоглед.
– Како Влада сигурно нема да седиме немо и да набљудуваме, но да дадеме шанса и да видиме денес-утре да не има некоја повторна набавка да не се премислат некои од економските оператори. Ако не, ние ќе мораме повторно како Влада да помогнеме, со одредена позајмица да интервенираме за ЈСП, но тогаш се поставува прашањето до кога вака. Навистина треба да се поведе сметка околу процесот на децентрализација, затоа што ако некој не може тоа да го прави, тогаш да интервенираме законски, барем да ги преземеме ингеренциите и да ја стабилизираме состојбата – рече Мицкоски.
Резервите на нафта што Владата ги отстапи од државните резерви за ден-два треба да се потрошат, а во меѓувреме беше распишан нов тендер за набавка на нафта за ЈСП по поништувањето на првиот тендер, поради што главниот град се најде во ситуација да биде опслужуван само со триесетина автобуси, а останатите беа паркирани во гаражите поради недостиг на нафта.