Ако не запре дивеењето на трговците, ќе одиме на пазарење во Косово

Граѓаните на социјалните мрежи повикуваат в паток, на 31 јануари да ги бојкотираат маркетите. Многу организации и здруженија, како и политичките партии го поддржаа бојкотот на граѓаните и сметаат дека дивеењето на трговците треба да запре. Од Организација на потрошувачи на Македонија и од Сојузот на синдикати на Македонија ги поддржуваат граѓаните во бојкотот и велат дека добро е трговците да знаат дека потрошувачите имаат моќ и оти со овие цени и плати граѓаните одамна требаше да бидат на улица. Од ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува иницијативата за бојкот на маркетите која во форма на повик преку социјалните мрежи се најавува за во петок, 31 јануари. Од партијата на власт тврдат дека институциите активно ќе се спротивстават на забеганоста на дел од маркетите и состојбата. Сметаат дека „дивеењето на маркетите мора да прекине“. Од СДСМ се огласија сметаат дека Владата итно да донесе мерки за заштита на граѓаните, бидејќи економската состојба е крајно алармантна. Од „Левица“ велат дека ако Владата продолжи со игнорирање на проблемите, ќе покренат слична иницијатива или заедничка акција со синдикатите и граѓанските здруженија

1253

Се проширува списокот на земји кои се приклучуваат на бојкотирањето на маркетите кој го започна Хрватска. Освен Хрватска, в петок на 31 јануари, маркетите ќе бидат бојкотирани и во Црна Гора, Босна и Херцеговина, а и македонските граѓани на социјалните мрежи од пред два дена повикуваат на бојкот. Револтот и незадоволството од високите цени трае веќе подолго време и овој чекор е само аларм до трговците да престанат да се богатат на грбот на граѓаните и да ги почитуваат мерките кои ги носи Владата. Од Организација на потрошувачи на Македонија и од Сојузот на синдикати на Македонија ги поддржуваат граѓаните во бојкотот и велат дека добро е трговците да знаат дека потрошувачите имаат моќ и оти со овие цени и плати граѓаните одамна требаше да бидат на улица.

На социјалните мрежи низ земјава се споделува фотографија која повикува да ги бојкотираат маркети на ден 31.1.2025 (петок) под мотото „Попусто попусти кога цените се исти“.

Во повиците на социјалните мрежи, граѓаните апелираат деновиве снабдувањето со основните продукти како овошје, зеленчук, леб и месо да биде од пазари, пекарници и месарници, наместо волуменско купување од маркетите ден пред бојкотот, за бојкотот да има вистинско влијание.

-На овој начин ќе се подигне свеста кај трговците, особено кај големите ланци на супермаркети кои не ги почитуваа ниту мерките на Владата. Наместо да се намалат основните производи, тие пред донесување на мерката ги зголемија нивните цените, а додека траеше мерката пораснаа и цените на другите производи кои не беа вклучени во кошниците. Ако се употреби друга мерка треба да се земат цените од ноември пред да се донесат есенската и новогодишната кошница, кога сè уште не беа енормно покачени, изјави за весникот ВЕЧЕР, Маријана Лончар-Велкова, претседател на ОПМ.

Таа не верува дека со бојкотот трговците ќе се откажат од високите профити, но  купувачите ќе докажат дека имаат моќ. Ќе имаат поголема дисциплина и самите ќе се коригираат. Сепак, смета дека ако не интервенира Владата, ќе продолжат да си тераат по свое.

-Владата треба да преземе мерки за подолгорочно да важат ниските цени. Така на пример, пролетната кошница која се најавува подолго време да трае најмалку три месеци за да има ефект. Значи подребни се подолгорочни мерки, не вакви инстант мерки кои се покажа дека не даваат резултати. Слична е ситуацијата и со Законот за нефер трговски практики кои не профункционира во пракса. Исто така, многу е важно Владата да не кажува однапред за мерките кои планира да ги преземе, за да немаат време трговците да се подготват и да ги покачат цените, вели Лончар-Велкова.

Таа апелира до граѓаните пред бојкотот во четврток да не купуваат непотребни работи и да трупаат резерви, бидејќи прометот ќе им биде ист и ништо не сме направиле.

И од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека граѓаните со овие плати и цените секојдневно треба да бидат на улица и дека еден ден бојкот е мала казна за високите цени на маркетите.

-Нашиот став е дека работниците постојано треба да бидат на улица имајќи ги предвид високите цени, наспроти ниските плати. Веќе видовме дека граѓаните на социјалните мрежи повикуваат на бојкот на маркетите, но со еден ден бојкот нема да се постигне посакуваниот ефект. Ние планираме поригорозни мерки кои ќе ги соопштиме во наредниот период – во февруари, изјави за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски од ССМ.

Тој очекува бојкотирањето на маркетите, како во земјите во регионот и кај нас да биде поддржан од одредени министерства и од премиерот, бидејќи се виде дека и нив ги изиграа со новогодишната кошница која не ги даде посакуваните резултати, односно наместо намалување на основните производи за 10 отсто видовме повисоки цени.

-Апелираме граѓаните да не чекаат некој да ги организира, туку да го следат примерот на земјите во регионот кој и покрај тоа што имаат повисок стандард од нашиот го направија првиот чекор и ги бојкотираа маркетите. Така сега Хрватите одат на пазарење во Словенија, а ние нема каде да одиме освен во Косово и во Србија, додава Пешевски.

ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува иницијативата за бојкот на маркетите која во форма на повик преку социјалните мрежи се најавува за во петок, 31 јануари. Од партијата на власт тврдат дека институциите активно ќе се спротивстават на забеганоста на дел од маркетите и состојбата. Сметаат дека „дивеењето на маркетите мора да прекине“.

ВМРО-ДПМНЕ очекува и Владата да подготви сет на мерки како за контрола на растот на цените. Според партијата, како што тврдат, се богатат 5-6 сопственици на маркети преку нереални зголемувања на цените и злоупотреба на позицијата во општеството.

Од Левица порачаа дека бојкотот е легитимна форма на граѓански притисок, особено кога се соочуваме со манипулативно однесување на крупниот капитал и трговските монополи. Велат дека она што го видовме во Хрватска е пример за тоа како организираниот отпор може да предизвика реакција од трговците. Бараат системски мерки од Владата. Ако Владата продолжи со игнорирање на проблемите, Левица ќе размисли за покренување слична иницијатива или заедничка акција со синдикатите и граѓанските здруженија.

Од СДСМ се огласија со коментар дека „неспособноста и немањето желба на Мицкоски да се справи со ненормалниот раст на цените, лажните ПР кампањи за кошничките и негрижата за граѓаните, доведуваат до тоа граѓаните сами да се справуваат со проблемот“.

– Повикуваме на тоа Владата итно да донесе мерки за заштита на граѓаните кои ги нуди СДСМ. Време е Мицкоски да сфати дека треба да работи во интерес на граѓаните, економската состојба е крајно алармантна“, порачаа од опозициската партија.

Изминативе години се спроведуваа разни мерки за запирање на инфлацијата, се замрзнуваа цените и маржите, а лани обидите продолжија крстени како кошнички за да се пазари поевтино. Од сето тоа ниту инфлацијата се намали, ниту цените се стабилизираа, а доказ е декемвриската инфлација која стигна до 4,4 отсто за една година.

(А.С.)

 

ИЗДВОЕНИ