Намалени нарачки, намален број на работници, затворање на фабрики, кризата во Германија силно удри врз македонскиот текстилен сектор. Проблемот е што над 80 отсто од нашето производство е наменето за германскиот пазар, а поради кризата има голем пад на побарувачката. Премногу е тешко да се најдат нови пазари, особено заради фактот што имаме застарени модели, застарена технологија и што немаме сопствени брендови, туку 92 отсто од производството ние лон. Познавачите на состојбите на пазарот се согласни дека за да опстане секторот потребни се нови инвестиции и поддршка од државата, во спротивно 36 илјади работници би можело да останат на улица.
-Кризата во Германија предизвика пад на побарувачката, бидејќи 80 отсто од готовите текстилни производи се наменети за Германија. Во вакви услови тешко може да се опстане. Речиси сите фабрики имаат намалени нарачки и опасност од напуштање на работници и затворање на капацитетите. Статистика покажа дека во првите девет месеци минатата година има намалување од 13,4 отсто на производството на облека. Сега таа бројка е уште поголема. Тешко може да се најдат нови пазари, бидејќи 92 отсто е лон-производство, односно ние работиме на давање на услуги, не на готов производ и тука е другиот проблем, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ангел Димитров, од Организација на работодавачи на Македонија.
Според него, можат да опстанат оние компании кои работат униформи за војска и полиција и кои ги задржаа нарачките. Додека опстанокот на оние капацитети кои работат модно производство се пред голем предизвик за да опстанат.
Димитров смета дека сè додека трае војната во Украина и кризата во Европа нема надеж за македонскиот текстил, напротив може да има уште поголем удар и затворање на фабрики и напуштање на работници.
Со сличен став е и претседателот на Бизнис-конфедерација, Миле Бошков, кој смета дека фокусирањето само на еден пазар е убиствено за компаниите.
-Се потврдија нашите сугестии дека треба да се напушти лон-производството и да се свртиме кон производство на сопствени брендови. Мал број компании почнаа да го прават тоа, но сега се соочивме со намалување на потребите на глобалниот пазар и намалување на нарачките. Треба да се правата новите трендови, а тоа е поврзано со нови инвестиции, нова технологија за тоа се потребни пари. За да се опстане на пазарот потребно вложување, а за тоа неопходна е поддршка од државата, вели за весникот ВЕЧЕР, Бошков.
Според него, извозните компании треба да имаат предност од страна на државата во однос на поврат на ДДВ и забрзување на постапките за извозно царинење.
-За да опстане секторот мора да се бараат нови пазари, да се учествува на саеми, да се следат новите трендови за да може овие 36 илјади вработени да останат на работа. Фокусирањето само на еден пазар е убиствено за компаниите. Токму тоа ни се случува со Германија поради што многу текстилни компании се во криза, го намалуваат производството, отпуштаат работници, а некои се подготвуваат дури и за затварање на фабриките, додава Бошков.
Познавачите на пазарот се согласни дека без нови инвестиции во текстилниот сектор и со застарени модели и застарена технологија не може да се оди напред. Освен тоа, слабата продуктивност и високите трошоци го прават овој сектор неконкурентен за соработка со странските партнери, ова се причините поради кои се отвора прашањето – ќе преживее ли текстилниот сектор?
(А.С.)