КОНФУЗИЈАТА ОКОЛУ НЕДОВЕРБАТА ВО ИЛИРЕ ДАУТИ ОТКРИ НЕДОРЕЧЕНОСТ

Правните експерти и пратеници укажуваат дека е потребно прецизирање на правните одредби со кои ќе се предвиди задолжително напуштање на јавната функција по изгласаната интерпелација. Илире Даути во својата изјава вчера не беше конкретна дали ќе се повлече од функцијата и наведе дека „ќе ја прифати слободата на дејствување како пратеничка“. Според сегашните норми, таа може да биде разрешена откако за тоа ќе биде иницирана посебна постапка во парламентот и со гласови на 41 пратеник. Уште во ноември спикерот Африм Гаши изјави дека новиот Деловник има недостатоци

 

Потребно е допрецизирање на одредбите за разрешување на носителите на јавните функции за кои е изгласана интерпелацијата за нивното работење за да тие веднаш бидат разрешени. Ваков е ставот на правните експерти и на актуелни и поранешни пратеници во македонскиот парламент откако собранискиот претседател Африм Гаши соопшти дека претседателката на една собраниска комисија, Илире Даути, може и натаму да ја извршува функцијата иако собраниското мнозинство ја прифатило поднесената интерпелација за нејзината работа.

Даути вчера објави соопштение во коешто наведува дека нејзината интерпелација е по диктат на Левица и ВМРО-ДПМНЕ. Но таа не беше конкретна околу тоа дали ќе понесе оставка на функцијата претседателка на собраниската комисија.

-Соочена со изборот помеѓу губење на функцијата претседател на комисијата и дејствување под диктат, според условите поставени од Левица и предложени како заклучок од Африм Гаши, не се сомневам дека ќе ја прифатам слободата на дејствување како пратеничка, како што сум направила досега, слободно и независно. Секој граѓанин треба да биде таков, без разлика на различноста што ја имаме – соопшти Илире Даути.

Според сознанијата, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ, до среда ќе одржи средба и ќе одлучат што ќе прават, дали Даути ќе остане на таа функција или пак ќе предложат друг кандидат на чело на Комисијата. Иако се очекуваше дека вчера на координацијата кај претседателот на Собранието, Африм Гаши, ќе се отвори прашањето за неговиот став дека интерпелацијата нема извршно дејство, партиски извори велат дека за тоа воопшто не станало збор и дека на неа не присуствувале координаторите од пратеничките групи од албанскиот блок.

Експертите за собраниските процедури и правните норми наведуваат дека е очигледно дека најголема недореченост постои во новиот Деловник за работа на македонскиот парламент, бидејќи таму не постојат јасни одредби за задолжителното разрешување по изгласаната интерпелација. Новиот Деловник е донесен во 2023 година, со гласови на речиси сите парламентарни партии освен Левица, со цел да се надминат недореченостите во претходниот акт за собраниските процедури. Но, очигледно, недореченостите сепак останале.

Универзитетска професорка и експерт по уставно право Тања Каракамишева-Јовановска ни изјави дека секој носител на јавна функција, кому му е изгласана недоверба во работата со интерпелација треба да си замине од функцијата.

-Треба да замине без разлика дали тоа е стриктно наведено во Деловникот на Собранието или не. Секаде во светот интерпелацијата се разгледува како парламентарен инструмент за барање одговорност на носител на јавна функција кој е избран од собранието доколку пратениците се сомневаат во квалитетот и начинот на вршењето на јавната функција.. Иако тоа не е децидно наведено во Деловникот на Собранието се смета дека целта на изгласаната интерпелација е функционерот да понесе одговорност поради изгласаната интерпелација. Разрешувањето е најчестата последица од изгласаната интерпелација, бидејќи самото изгласување на интерпелацијата од страна на пратениците создава значителен политички притисок врз функционерот. Тој притисок значи дека носителот на функцијата повеќе нема доверба од Собранието да ја врши доверената функција поради што треба да доведе до негово/нејзино повлекување или оставка. Разрешувањето на функционерот по изгласана интерпелација е израз на парламентарна контрола и одговорност, како и на висок степен на политичка култура, и клучна цел на овој парламентарен инструмент – изјави Каракамишева – Јовановска за весникот ВЕЧЕР.

Во собранискиот Деловник, инаку, е предвидено дека избор на претседател и на членови на работните тела и нивните заменици се врши од редот на пратениците во Собранието по предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, а врз основа на листата што ја предлагаат пратеничките групи. За тој и избор на други носители на јавни и други функции се води единствен претрес, а за секој предлог се гласа одделно.

Илија Димовски, поранешен пратеник, ни вели дека собранискиот спикер Африм Гаши е формално во право кога вели дека интерпелацијата за Даути не подразбира нејзино автоматско разрешување.

-Интерпелацијата е утврдување на политичката одговорност, а друго е процедура за разрешување која може да ја иницира тој што ја иницирал интерпелацијата или било кој друг во Собранието. Собранието ја разгледало интерпелацијата и донело заклучок. Во Деловникот нема директно спомнато процедура за разрешување, а ние за првпат се соочуваме со ваквата ситуација. Даути е избрана по предлог на Комисијата за избори и именувања и за тоа има одлука на Собранието. Сега, секој пратеник може да поднесе предлог за измена на собраниската одлука или, пак, може да предложи одлука за нејзино разрешување при што заклучокот од интерпелацијата ќе го наведе како аргумент повеќе. За разрешувањето е доволен само 41 глас на пратениците. За да се олесни цела ситуација решението би било во Деловникот конкретно да се предвиди обврската носителот на јавната функција да мора да поднесе оставка во случај да е изгласана интерпелацијата против него. Оти ако се оди на покренување на постапка за разрешување преку предлозите за разрешување или за измена на одлуката за нејзиниот избор, ќе навлеземе на терен на одлоговлекување на постапките и процедурите, а за што сме мајстори – вели Димовски за весникот ВЕЧЕР.

И пратеничката и лидерка на ЛДП, Моника Зајкова, би ги поддржала промените во Деловникот за да не се доаѓа во вакви ситуации.

– Самата интерпелација беше театар и Даути требаше да биде разрешена и тргната од функцијата. Одговорноста не е само нејзина. Сè беше театар и се знаеше дека таа нема да биде разрешена и од тие причини не присуствував на седницата. Инаку, јас сум волна сум да дадам поддршка ова материја да се регулира во Деловникот ако правните акти се недоречени – ни рече таа.

Од друга страна, од Кабинетот на Гаши и вчера ја повторија изјавата дека интерпелацијата не наложува разрешување на Илире Даути.

– Именувањата и разрешувањата се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот – соопштија оттаму.

И владиниот вицепремиер Изет Меџити изјави дека пратеничката Даути ќе остане претседателка на собраниската Комисија за млади и социјална политика.

-Имаме многу забелешки за нејзината работа, но, кога има иницијатива од Левица, ние сме против и ќе ја поддржиме – рече Меџити.

Претседателот на Алијансата за Албанците, која е во коалиција со Европскиот фронт предводен од ДУИ, Зијадин Села, рече дека неговата партија нема да ја прифати оставката на Илире Даути и дека таа ќе остане претседателка на Комисијата за млади и социјална политика.

-По изгласувањето на интерпелацијата, ако треба повторно да предложиме кандидат за таа комисија, тоа повторно ќе биде Илире Даути, рече Села. (Б.Ѓ.)

И Гаши тврдел дека има недоречености

Новиот Деловник од 2023 година требаше да ги надмине спорните ситуации кои им се случуваа во работата на македонските пратеници, најмногу во однос на блокирањето на работата на собраниските тела. Но, очигледно, некои други работи останаа недоречени. На ова во ноември укажа и спикерот Африм Гаши.

-Се покажа дека Деловникот има недостатоци, но тоа е повеќе работа на политичка и правна интерпретација, кои политичките партии ќе го користат заради артикулација на нивните политички ставови. Во процесот Жан Моне, била испочитувана консензуалноста, бидејќи бил донесен во соработка со европратеници и сите политички партии. Но, не биле земени предвид забелешките на собраниските службите. Јас би настојувал во иднина, кога ќе се отвори прашањето за промена на Деловник, тој да биде и консензуален, но да бидат консултирани и собраниските служби кои исто така го применуваат Деловникот. Во дебатата да биде вклучена и експертската јавност. Тука постои уште еден – трет елемент кој е дополнителен, а тоа е, „институиционална меморија и традиција“. За жал, досега тоа е оставено на одредени политички функционери, најчесто, претседатели на Собранието, кои своеволно, во одредени делови го толкуваат Деловникот – изјави тогаш Гаши.

 

ИЗДВОЕНИ