Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, преку отворено писмо му се обрати на премиерот Христијан Мицковски со надеж, како што вели „на овој начин тој ќе ја разбере и поддржи потребата од стабилизирање на состојбите во главниот град, кои, како што наведува, благодарение на непринципиелните политики била нарушена во претходниот период“.
– Како претседател на Владата и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Ве повикувам и Ве замолувам да внесете разум во делувањето на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и Вашата коалиција во Советот на Град Скопје. Крајно неодговорно и неразумно е граѓаните на главниот град да бидат жртви на самоволието на 23 лица, чие единствено политичко делување е преку деструкција, блокади и политички манипулации – се наведува во отвореното писмо.
Во него се додава дека граѓаните на градот Скопје не смеат да бидат жртви на политичките амбиции на поединци од Советот на Град Скопје.
– Недозволиво е скопјани да чекаат автобуси по еден час на екстремни температури, недозволиво е учениците да немаат превоз, а уште пострашна е најавата на министерката за образование и наука дека нема намера да го исплати долгот за бесплатниот превоз на студенти и средношколци кон ЈСП, со намера и да го прекине овој проект – стои во писмото.
Воедно, Арсовска ја повикува Владата со големо владејачко мнозинство да изнајдат начин и капацитет, но и политичка волја да ги исплати долговите кон ЈСП од 8 милиони евра, кон Комунална хигиена од 2,5 милиони евра, но и кон ЈП „Дрисла“, на кое како што вели само Клинички центар му должи 1 милион евра, како и долговите кон ЈП „Водовод и канализација“ кои според неа се бројат во милионски суми.
– Ве замолувам, како претседател на Владата доколку не можете да ги убедите советниците во град Скопје да гласаат за набавка на нови автобуси, тоа да го направите вие. Набавете автобуси за главниот град. Ако Владата нема средства за оваа намена, ние сме подготвени, а со одлука на Советот на Град Скопје, да ви ги префрлиме потребните средства на посебна сметка, а вие да ја спроведете набавката – децидна е Арсовска.
Таа апелира до Мицкоски личните недоразбирања да не бидат причина за блокада на главниот град, а на штета на граѓаните на градот Скопје.
– Доколку е ова прифатливо, предлагам да закажеме вонредна седница на Советот на Град Скопје в среда на 4 септември на која заеднички ќе донесеме одлука за набавка на нови 250 еколошки автобуси и останатите одлуки неопходни за непречено функционирање на градот – децидна е Арсовска.
Воедно, предлага условите за набавка на новите автобуси, начинот, динамиката и финансирањето да го предложи Мицковски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, преку советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје.
– Јас сум подготвена како и до сега, да ги прифатам Вашите барања и услови, со една цел – подобар живот на граѓаните на градот Скопје – заклучува Арсовска.