Aко не ги засукаме ракавите и не се фатиме за лопата и понатаму ќе каскаме зад регионот

За економските аналитичари намалувањето на прогнозата за раст на македонската економија е очекувана со оглед на фактот дека Владата не ги слушаше препораките веднаш да се зафати со структурни реформи, а не со дневно политички теми. Според нив и понатаму ќе каскаме зад регионот, ако не ги засукаме ракавите и се фатиме за лопатата. Според економскиот аналитичар Абил Бауш ние најмногу грешиме што не се занимаваме со структурните реформи кои битно ќе влијаат на економскиот раст и развој. За економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ ако Владата успее да реализира макар и 90 отсто од планираните капитални инвестиции за оваа година ќе биде добро. Синиша Пекевски, пак, смета дека економијата во 2025 година дополнително ќе забави поради тоа што Македонија има локални избори и фокусот ќе биде ставен на нив

727

Прогнозите на Светска банка не се толку оптимистички колку оние на власта. За разлика од Владата која предвидува раст од 3,7 насто, Светска банка ја ревидира прогнозата на само 3 отсто. Тоа значи дека од земјите од Западен Балкан, Македонија ќе има најмал раст од три насто, за разлика од Босна и Херцеговина 3,2, Албанија и Црна Гора по 3,5, Косово 3,9, а Србија 4,2 отсто. За економските аналитичари намалувањето на прогнозата за раст на македонската економија е очекувана со оглед на фактот дека Владата не ги слушаше препораките веднаш да се зафати со структурни реформи, а не со дневно политички теми. Според нив и понатаму ќе каскаме зад регионот, ако не ги засукаме ракавите и не се фатиме за лопатата.

-Светската банка ја намали прогнозата за економски раст на Северна Македонија за 2025 година на 3 отсто, наспроти владината проекција од 3,7 отсто, поради висока инфлација, политичка нестабилност, слаба реализација на капитални инвестиции, зголемен јавен долг и неповолни глобални економски услови. Банката користи поконзервативен пристап, заснован на реални индикатори, додека владините прогнози често се базираат на оптимистички сценарија, изјави за весникот ВЕЧЕР, економскиот аналитичар Абил Бауш.

Според него, ние најмногу грешиме што не се занимаваме со структурните реформи кои битно ќе влијаат на економскиот раст и развој…. Исто така, во извештајот јасно се покажува кои треба да бидат реформските приоритети, бидејќи ако не се следат, за џабе би биле дел од мерките за економски раст кои што ги најавува Владата.

-На пример, даночната политика. Ако вие не правите реформи во даночната политика не може да се борите со сивата економија. Бесцелно е да инвестирате 250 милиони евра во стопанството кога имате нелојална конкуренција од 40 отсто во државата. И самите нив ги гушите, вели Бауш.

За економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ, од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, проблемот лежи во внатрешните фактори кои Владата може да ги адресира, а не го прави тоа.

-Она што Владата може да го направи за да го подржи растот наредната година е да се потруди целосно да ги реализира капиталните инвестиции предвидени со буџетот, од околу 800 милиони евра. Толку државни инвестиции никогаш не биле реализирани во Македонија во една година, и мали се шансите тоа да се случи и сега, но ако успее владата да реализира макар и 90 отсто, ќе биде добро. Другата работа која владата треба да ја направи е да поттикне раст на платите, преку покачување на минималната плата и платите во јавниот сектор. Доколку не дојде до ова, многу бргу ќе дојде до пад на реалната плата што ќе ја намали потрошувачката, а со тоа и економската активност, вели Јовановиќ.

Тој смета дека за повисок раст, од преку 4 отсто, потребни се покрупни промени. Потребна е сериозна индустриска политика – државата да избере кои сектори ќе бидат столбот на економијата во наредниот период, да зацрта стратегија за нивен развој, и да ги поддржи со конкретни мерки. За ова, за жал, воопшто не се ни зборува, па затоа мислам дека нема да почнеме да им се приближуваме на развиените земји уште долго време.

-Предвидениот раст според мене беше преоптимистички и реално Македонија тешко може да го постигне тој раст. Дополнително Македонија во 2025 година има локални избори и тоа ќе ја забави економијата заради фокусот кон изборите. Според мене задолжувањата која ги прави Владата и предложеното укинување на Фондот за иновации кој треба да биде двигател за развој прави да реалниот раст на економски план биде низок во однос на можностите кои ги имаме, вели економскиот аналитичар Синиша Пекевски.

И тој смета дека капиталните инвестиции можат да го забрзаат развојот и дел од фокусот треба да биде таму на тој дел, но е скептичен дека заради изборите и законските ограничувања тој сегмент ќе стагнира.

(А.С.)

 

ИЗДВОЕНИ