– Лицата кои се корисници на привремена инвалидска пензија поради правни празнини може да станат социјални случаи. Актуелните законски решенија не предвидуваат мирување на работниот однос на работници на кои поради професионално или друг вид заболување им е доделена привремена пензија. Односно, ваквиот тип на пензија може да се користи најмногу две години, а за тоа време на работникот му престанува работниот однос – велат од партијата Левица.

Оттаму појаснуваат дека Комисија за оценка на работната способност може да оцени дека работникот е способен за работа, тогаш правото на привремена пензија на работникот му се укинува.

– Поради неможноста да се врати на своето работно место, тој станува финансиски необезбеден или потенцијален социјален случај. Голем број  работници се жалат дека оваа комисија многупати донесува одлука за укинување на правото на привремена пензија и покрај тоа што работникот не е оспособен да се врати на работното место и ги извршува работните задачи – велат од Левица.

Во насока на заштита на егзистенционалните права на работниците, Левица најавува дека покрај измените во Законот за работни односи со кои се бара враќање на патните трошоци на работниците, ќе интервенира и во други членови од овој закон со цел заштита на работничките права, вклучително и регулација на овие правни празнини, кои дозволуваат егзистенцијата и преживувањето на работникот да зависи од волјата на една комисија.

ИЗДВОЕНИ