Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити вели дека доколку има потреба Владата ќе излезе во пресрет, но дека ингеренциите за санирањето на дефектот којшто во сабота ќе остави поголем дел од главниот град без вода е на јавното претпријатие „Водовод и канализација“.

– Тенденцијата на Владата е да ја зајакне децентрализацијата и знаете дека оваа Влада веќе почна со тоа милијарда евра да им се доделат на општините. Значи, не е тенденција на Владата да централизира. Ние ќе излеземе во пресрет, но тоа се ингеренции на „Водовод и канализација“ и на градоначалничката Данела Арсовска, како што излеговме во пресрет со јавниот превоз, но мислам дека е време да покажат и докажат дека децентрализацијата треба да зајакне, а не цело време да ургира Владата – смета Меџити.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска очекува санацијата на дефектот да заврши во текот на едно деноноќие и дека нема да има потреба од дотур на вода. Затворањето на една од главните доводни цевки на магистралниот водоводен цевковод, како што посочи, се случува еднаш на 50-60 години и истото било одложувано повеќе од една деценија.

– Овој дефект е еден од четирите што ќе се санираат и што ќе бидат завршени во текот на викендот. Техничките лица на јавните скопски претпријатија, согласно со планот, ќе го направат тоа во што е можно пократок рок, така што нема да има никаква потреба од дотур на вода. Санацијата нема да трае ништо повеќе од една редовна поправка на кој било дефект што го имаме во градот. Сите оние што сакаат, од политички или какви било други побуди, да креираат неизвесност или, пак, страв меѓу населението, апелирам да не го прават тоа.  Согласно со студијата што ја изготвивме за состојбата во која се наоѓаат магистралните цевководи, мислам дека интервенцијата апсолутно ќе биде завршена во текот на едно деноноќие – рече Арсовска.

Според информациите од „Водовод и канализација“, прекинот на вода ќе почне од 22 часот во петок. Вода ќе имаат жителите на Чаир, Бутел, Радишани, Пластичарска до Американска амбасада, Визбегово, Бардовци, Железара, Автокоманда висока зона, Ѓорче Петров од СП Планет, Сарај, Шутка, Топанско поле, Новоселски пат, населба Даме Груев, Кисела Јабука, Стопански двор, Волково и Орман. Останатите корисиници ќе бидат без вода.

За санирање на дефектот ќе биде запрена водата од главниот градски цевковод Ф-1600. Од „Водовод и канализација“ информираат дека ќе бидат санирани уште три дефекти на затварачи по должината на главниот цевковод, и тоа на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до крстосницата на булевар „Партизански одреди“ со улица „Никола Парапунов“.