Под слоганот „Застани, Нови Саде“, дел од жителите на главниот град на Војводина се одзваа на повикот на опозицијата во градскиот парламент и на 15 ноември 14 минути ги „запреа“ сите активности во спомен на 14-те луѓе кои загинаа на железничката станица во тој град на 1 ноември.
Идејата беше 14 минути жителите на Нови Сад симболично да престанат да го прават она што го започнаа точно во 11:52 часот кога се случи несреќата.
На акцијата се приклучија и актерите на Младинскиот театар од Нови Сад, кои во 11:52 часот излегоа пред зградата на театарот и 14 минути молчеа во спомен на луѓето кои ги загубија животите на Железничката станица.
14 minuta ispred Filozofskog. Prekinuta predavanja. Profesori i Studenti izašli napolje✊ pic.twitter.com/AUGbJ0izp8
— Srdjan Cvijic (@srdjancvijic) November 15, 2024
Актерките на овој театар Бојана Милановиќ и Кристина Савков на 13 ноември по претставата „Сладолед“ ги прочитаа имињата на 14-те жртви.
На Плоштадот Слобода во овој град повторно се запалија свеќи покрај сликите на загинатите.
Дел од вработените во Радио Телевизија Војводина излегоа пред зградата, со 14 минути молк, јавува репортерот на РСЕ.
Опозицијата ги повика граѓаните и на „индивидуален протест и граѓанска непослушност“, бидејќи, според нивното мислење, надлежните судски институции се „изложени на притисоци и опструкции на властите“.
Тие наведуваат дека се уште никој не е осомничен за трагедијата на Железничката станица, додека „власта се обидува да ги заборави жртвите и да избегне одговорност“.
Најавено е и дека во понеделник и официјално ќе покренат иницијатива за отповикување на градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, за кој велат дека требало да поднесе оставка „ист ден кога се случи трагедијата на железничката станица“.